Триесет и тригодишен жител од Карбинци е приведен и кривично се гони поради сомнение дека извршил сексуална злоупотреба врз дете помладо од 15 години, при што, според истрагата, му пренел и заразна болест. Од МВР информираат дека на 8 јуни во 13:50 часот полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б.Т. (33).
Според сомневањата, во периодот од јануари до март годинава, додека престојувал во домот на едно семејство во светиниколско село, тој вршел полови дејствија врз нивната малолетна ќерка, ја соблекувал и ја допирал по телото.
Од МВР наведуваат дека при прегледите извршени од Институтот за судска медицина во Скопје било потврдено дека на детето му била пренесена заразна болест, а истата била констатирана и кај осомничениот.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „силување на дете кое не наполнило 15 години“ по член 188 и „пренесување заразна болест“ по член 205 од Кривичниот законик.












