четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Илјадници морнари заглавени во Персискиот Залив: Работат за 16 долари на ден,...

Илјадници морнари заглавени во Персискиот Залив: Работат за 16 долари на ден, не можат да си заминат

59

Телефонските линии за помош на морнарите се преплавени со пораки од екипажи кои се заглавени во Персискиот Залив поради војната на Блискиот Исток, а кои очајно бараат репатријација, отштета и дополнување на залихите на бродовите, пишува Франс прес.

„Ви пишувам итно да ве известам дека нашиот брод во моментов се соочува со сериозна криза во врска со залихите и здравјето на еден член на екипажот“, напишал еден морнар во е-пошта испратена до тимот за поддршка на Меѓународната федерација на транспортни работници (ITF) на 24 март.

„Итната достава на храна, вода за пиење и основни потреби за екипажот е од суштинско значење“, се додава во пораката.

ИТФ соопшти дека примил повеќе од илјада пораки и е-пошта од морнари кои се заглавени во Хормутскиот Проток и поширокиот регион по ескалацијата на војната со Иран.

Конфликтот започна на 28 февруари со нападите на САД и Израел врз Иран, на кои Иран одговори со напади врз Израел и инфраструктурата на земјите од Персискиот Залив.

Според податоците на агенцијата за поморство на Обединетите нации (IMO), околу 20.000 морнари моментално се заглавени во Заливот, а најмалку осум морнари или пристанишни работници загинале во инциденти во регионот од 28 февруари наваму. Целата кореспонденција била споделена со AFP под услов на анонимност, бидејќи линијата за помош гарантира доверливост.

Меѓународниот преговарачки форум (IBF), глобално тело за работни односи во поморството, ја прогласил таа област за воена зона. Тоа на морнарите вообичаено им дава посебни права, вклучително и репатријација на трошок на компанијата и двојна плата за оние што работат на бродови опфатени со договорите на IBF, што се околу 15.000 пловила ширум светот.

Сепак, многу под нив особено на бродови што немаат такви договори, пријавуваат тешкотии при враќањето дома. Се појавуваат случаи каде операторите на бродот ги игнорира барањата на екипажот да замине, тврдејќи дека нема летови од Ирак и одбивајќи алтернативни рути.

Меѓународната мрежа за добросостојба и помош на поморците (ISWAN), уште една организација што има линија за помош, соопшти дека од почетокот на војната забележала „раст на повици и пораки од 15 до 20 проценти“, при што една третина се однесуваат на проблеми со репатријација.

Друг голем извор на незадоволство кај морнарите се платите. Се наведува дека многу морнари одлучуваат да останат на бродот и покрај опасните услови затоа што не можат да си дозволат да заминат. Морнарите во дел од бродовите прашуваат дали дневница ќе се зголеми од 16 на 32 долари поради престојот во воена зона. ITF истакнува дека толку ниските плати укажуваат дека бродовласниците немаат работни договори што обезбедуваат пристојни примања.

Морнарите без вакви договори се особено погодени, бидејќи нивните договори често не ја покриваат работата во воени зони, а сопствениците на бродовите обично не одговараат на барањата од организации како ITF. Во такви случаи, ITF им се обраќа на државите под чијашто застава плови бродот или на пристанишните власти во земјата каде што се наоѓа бродот.

ИЗДВОЕНИ