Иако скопските градоначалници ветуваа дека ќе ги обноват фасадите на зградите на ЕСМ и на „Пелагонија“, кои се во строгиот центар на градот, на Градскиот плоштад, досега не е исполнето тоа. Со години стојат руинирани и го нагрдуваат централното градско подрачје. И сега градските власти ветуваат дека ќе останат посветени на уредувањето на централното градско подрачје и на подобрувањето на изгледот на клучните објекти, вклучително и на „Пелагонија“ и на ЕСМ. Од ЕСМ тврдат дека планираат целосна реконструкција на старата деловна зграда во центарот на Скопје, и притоа откриваат дека објектот ќе биде енергетски ефикасен и функционален, со очекуван рок на реализација до почетокот на 2028 година. Пелагонија чека на епилог од судски спор
Иако скопските градоначалници ветуваа дека ќе ги обноват фасадите на зградите на ЕСМ и на „Пелагонија“, кои се во строгиот центар на градот, на Градскиот плоштад, досега не е исполнето тоа. Со години стојат руинирани и го нагрдуваат централното градско подрачје.
И сега градските власти ветуваат дека ќе останат посветени на уредувањето на централното градско подрачје и на подобрувањето на изгледот на клучните објекти, вклучително и на „Пелагонија“ и на ЕСМ.
Притоа, додаваат дека Град Скопје прави анализа на состојбите и ги разгледува сите можности за понатамошно постапување, во координација со надлежните институции и со сопствениците за обновување на фасадите на овие објекти.
– Во однос на изгледот на фасадите, актуелниот пристап е насочен кон современите функционални и одржливи архитектонски решенија, кои ќе одговараат на урбаниот контекст и на јавниот интерес. Целта е да се обезбеди долгорочно квалитетно и естетски прифатливо уредување на градското јадро – потенцираат од Град Скопје.
Во однос на фасадата на зградата на „Пелагонија“, објаснуваат дека договорот за нејзино обновување бил раскинат во време кога градоначалник на Град Скопје бил Петре Шилегов, по што следувал судски спор против Градот, кој сè уште не е целосно завршен.
За објектот на ЕСМ, пак, информираат дека иако биле укинати претходните одлуки за фасадата, постоела важечка програма донесена во 2020 година и дополнета во 2021 година, со која е предвидена можност за интервенции.
– Ситуацијата налага дополнително усогласување, финансиско планирање и дефинирање на идните чекори што би биле преземени – одговорија од Град Скопје.
Од АД ЕСМ тврдат дека планираат целосна реконструкција на старата деловна зграда во центарот на Скопје, која со години е во лоша состојба и не нуди соодветни услови за работа, а со тоа и на фасадата.
– Проектот за енергетска реконструкција на деловна зграда на АД ЕСМ – дирекција предвидува комплетно обновување на објектот и одвнатре и однадвор. Тоа вклучува темелна реконструкција по катови, замена на сите инсталации, нови подови, преградни ѕидови и подобрување на работните услови, како и поставување нов систем за греење и ладење, целосно нова електрична мрежа со интегриран БМС (Building Management System) и модерна енергетски ефикасна фасада со вградени фотоволтаици за производство на електрична енергија за сопствените потреби – најавуваат од АД ЕСМ.
Оттаму истакнаа дека првичната проценета вредност на инвестицијата изнесува околу 7 милиони евра.
– Во тек е комуникација со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во рамките на која ќе се изработи длабинска анализа за утврдување на конечната вредност и на моделот за реализација на проектот. Анализата ќе биде финансирана преку грант-средства од РЕЕП-програмата (Regional Energy Efficiency Programme), а се очекува и дополнителна инвестициска поддршка. По завршувањето на сите подготвителни фази, ќе се пристапи кон изработка на основен проект, ревизија, надзор и изведба – наведуваат од АД ЕСМ.
Притоа, додаваат дека со реализацијата објектот ќе добие современ архитектонски изглед, ќе се намали потрошувачката на енергија за околу 30 % и ќе се овозможат целосна функционалност и искористеност на зградата, со очекуван рок за реализација до почетокот на 2028 година.
(А. П.)












