вторник, јуни 30, 2026
Дома СПОРТ ОСТАНАТИ СПОРТОВИ Илина Станојевска со нов меѓународен успех – убедлива победа на второто коло...

Илина Станојевска со нов меѓународен успех – убедлива победа на второто коло од Хрватската триатлон лига

1

Македонската млада триатлонка Илина Станојевска продолжува со одличните настапи на меѓународната сцена, откако викендов го освои првото место во категоријата Млади кадетки U13 на натпреварот Triathlon Zagorje 2026, кој се одржа во Бедековчина, Хрватска, како второ коло од Хрватската триатлон лига (HTL).

На суперспринт дистанца од 375 метри пливање, 11,4 километри велосипедизам и 2,6 километри трчање, Илина триумфираше со време од 44:17, оставајќи ја второпласираната натпреварувачка од Хрватска зад себе за повеќе од три минути, што претставува исклучително убедлива победа на трка со силна регионална конкуренција.

Овој резултат е уште една потврда за одличната форма на младата македонска триатлонка, која пред само неколку недели ја освои и титулата Балканска шампионка на Балканското првенство во триатлон, одржано во Охрид.

Победата во Хрватска има дополнителна тежина бидејќи Хрватската триатлон лига е една од најквалитетните национални лиги во регионот, со учество на најдобрите млади триатлонци од повеќе хрватски клубови, како и странски натпреварувачи.

Со оваа победа Илина Станојевска уште еднаш покажа дека припаѓа на самиот врв на младинскиот триатлон во регионот и дека македонскиот триатлон има светла иднина.

ИЗДВОЕНИ