вторник, јуни 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Неделава средба со доставувачите и со производителите

Неделава средба со доставувачите и со производителите

0

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека оваа недела ќе се одржи состанок и со доставувачите и со производителите, на која ќе се разговара за обезбедување пониски цени на основните прехранбени производи – дефинирана цел на минатонеделната средба со трговците.

Одговарајќи на новинарско прашање, Дурмиши денеска рече не може да каже конкретен датум кога ќе биде готов извештајот од контролите на Пазарниот инспекторат, со кои треба да се утврди што влијаело на зголемувањето на цените во изминатиот период, но поради обемот на работата, претпоставува дека тоа би се случило за речиси еден месец.

Како што потенцира, ќе се анализира фактура по фактура, секоја цена на 74 групи со 600-700 основни прехранбени производи, кои се дел од потрошувачката кошничка.

– Ќе се врши детална контрола на 600-700 основни прехранбени производи, од набавната цена на производителот до продажната цена на трговецот, и ќе најдеме точно кои се индикаторите од кои произлегува таа цена, кај имаме поголемо зголемување и да видиме точно зошто се случува тоа – рече Дурмиши на прес-конференцијата, на која даде отчет за сработеното.

Врз основа на деталната анализа, како што појасни, надлежните институции ќе знаат каде и како треба да реагираат доколку има поголема маржа.

– Минатиот пат кога донесовме ограничување на маржите, појасни, во временските периоди кога имавме празници, трговците, знаејќи точно кои производи се трошат повеќе, ја зголемуваа профитната бруто-маржа до 20, до 30 проценти. И сега се гледа истото, профитната бруто-маржа, каде што административно може да интервенираме. И гледаме дека таму профитната бруто-маржа е од 5 до 10 проценти, не е зголемена. Тоа подразбира дека нема енормно зголемување на цените без економска оправданост. Но пак ќе направиме детална анализа од производителот, продажната цена, доставувачот, до дистрибутерот и до трговецот на крајот. Значи, ќе направиме детална анализа, ќе гледаме каде треба да ургираме или со кој треба да се сретнеме, да отвораме состанок и да им кажеме ако случајно има поголема маржа од 10 или 15 проценти – рече Дурмиши.

Во отчетот за сработеното во Министерството за економија и труд, Дурмиши истакна дека една од најголеми одговорности била заштитата на животниот стандард на граѓаните. Биле носени, посочи, таргетирани мерки за стабилизација на пазарот, меѓу кои и ограничување на трговските маржи и воведување потрошувачки кошнички со цел да се ублажи притисокот врз семејните буџети и да се спречат неоправдани ценовни шокови.

Но, потенцира, долгорочната стабилност не може да се обезбеди само со интервентни мерки и сега фокусот е на стратешка стабилизација на пазарот преку постојана координација со сите надлежни институции, регулаторни тела, производителите, трговците и стопанските комори.

– Целта е навремено да ги препознаваме ризиците, да спречуваме нарушувања на пазарот и да создадеме предвидлива економска средина во која ќе бидат заштитени и интересите на потрошувачите и условите за нормално функционирање на стопанството. Владата нема пасивно да ги набљудува случувањата на пазарот. Доколку околностите повторно наложат интервенција за заштита на животниот стандард на граѓаните, ќе ги искористиме сите законски механизми што ни стојат на располагање. Наш приоритет останува стабилен пазар, фер конкуренција и заштита на секое македонско семејство – порача Дурмиши.

ИЗДВОЕНИ