понеделник, септември 28, 2026
Дома БАЛКАН ЗАГРЕБ ЗАСТАНА: Штрајк ги запре трамваите и автобусите, граѓаните се снаоѓаат како...

ЗАГРЕБ ЗАСТАНА: Штрајк ги запре трамваите и автобусите, граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат

0

Во Загреб, работниците на ЗЕТ и „Чистоќа“ утрово стапија во штрајк, поради што јавниот превоз во хрватскиот главен град беше речиси целосно прекинат. Штрајкот започна во 3:30 часот наутро, а синдикатите наведуваат дека одзивот на работниците е речиси 100 проценти.

Претседателот на Синдикатот на возачи и сообраќаен персонал на ЗЕТ, Владимир Јозиќ, потврди дека работниците во голем број не ги напуштиле гаражите, поради што трамвајскиот и автобускиот сообраќај практично запреле, пренесува Index.hr.

Според податоците од ГПС-системот на ЗЕТ, околу 7:00 часот наутро во сообраќајот било регистрирано само едно возило – трамвај на линијата 17. Малку подоцна, во сообраќајот се вклучила и линијата 11. Во вообичаен работен ден, на мрежата во Загреб сообраќаат околу 404 возила, од кои 168 се трамваи, а 236 се автобуси.

Од почетокот на штрајкот па сè до утринските часови, во тој период се одвивале само околу 0,6 проценти од вообичаениот сообраќај.

Поради прекинот на јавниот превоз уште од раните утрински часови, жителите на Загреб се снаоѓале на различни начини. Многумина користеле велосипеди, автомобили и такси-возила, додека некои граѓани патувале со воз. На некои градски сообраќајници веќе почнале да се создаваат гужви.

За време на штрајкот беше суспендирана и наплатата на паркинг во Загреб.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, уште од раните утрински часови престојува во Центарот за управување со сообраќајот, каде што се следи состојбата на градските сообраќајници и функционирањето на јавниот превоз.

Томашевиќ вчера изјави дека не прифаќа синдикални ултиматуми, нагласувајќи дека мора да се грижи за финансиската стабилност на градот.

„Не прифаќам ултиматуми, избран сум одговорно да го водам градот, а тоа подразбира и финансиска одговорност“, рече Томашевиќ. Тој истакна дека работниците на ЗЕТ и на „Загреб холдинг“ извршуваат важни и сложени задачи и дека им се потребни добри работни услови, но предупреди на можните последици од барањето, кое, како што наведе, би можело да ги загрози градските финансии.

Штрајкот започна откако синдикатите и градската управа не успеаја да постигнат договор. Поради прекинот на работата, за граѓаните на Загреб е отежнато одењето на работа и на училиште, како и извршувањето на секојдневните обврски.

ИЗДВОЕНИ