Европската Унија досега издвоила речиси 65 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Македонија, а наскоро се очекува да бидат обезбедени дополнителни 40 милиони евра, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас. Говорејќи на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, Рокас посочи дека поддршката за земјава опфаќа повеќе области – од одбраната и безбедноста до патната, железничката, енергетската и дигиталната инфраструктура.
– Преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата и, како членка на НАТО, за унапредување на нашата безбедност – изјави Рокас, пренесе МИА.
Според него, одговорот на ЕУ и на Владата на актуелните предизвици мора да биде сеопфатен, бидејќи економската стабилност, поврзаноста и безбедноста се меѓусебно поврзани. Рокас потсети дека Европската Унија ја поддржува инфраструктурната поврзаност на Македонија од 2007 година преку различни финансиски инструменти. Како што наведе, преку Инструментот за претпристапна помош биле издвоени 1,2 милијарди евра, дополнителни 1,8 милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а 750 милиони евра преку Планот за раст на ЕУ, кој во земјава се спроведува преку Реформската агенда. Поддршката, според евроамбасадорот, не се однесува само на патиштата и железницата, туку и на енергетското и дигиталното поврзување, како и на техничката помош неопходна за спроведување на проектите.












