Федералното истражно биро на САД (ФБИ) спречи наводен заговор за напад врз Белата куќа со дрон за време на Ultimate Fighting Championship (UFC) во недела навечер, на роденденот на американскиот претседател Доналд Трамп, соопштија денес неименувани функционери.
Пет лица се уапсени во врска со нападот, додека вкупно 23 осомничени заговорници се идентификувани, објави Fox News.
Наводниот план вклучувал користење беспилотни летала наполнети со експлозиви за напад врз згради во близина на настанот, принудување на масовна евакуација и насочување на толпата кон однапред подготвен снајперски тим, велат изворите, додавајќи дека е планиран и „втор бран“ напади врз портите на Белата куќа.
ФБИ наводно добило дојава за заговорот на 10 јуни, кога соработувало со партнерски агенции за да го спречи нападот, што довело до апсење на осомничен во Синсинати.
Истражителите подоцна откриле разговори на „Сигнал“ во кои повеќе лица наводно разговарале за нападот за време на UFC, идентификувајќи најмалку 23 корисници на „Сигнал“ кои разговарале за активностите пред операцијата, а некои од нив наводно планирале да патуваат во Фредериксбург, Вирџинија, на 12 или 13 јуни за да се подготват за нападот.
Еден осомничен наводно им рекол на истражителите дека целта била да се нападнат „капиталистичките елити“, „милијардерите“ или политичарите кои добиле донации од Американско-израелскиот комитет за јавни работи.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, им оддаде признание на ФБИ, Министерството за правда (DOJ) и партнерските агенции за спроведување на законот за брзата акција во повеќе држави за спречување на наводниот напад.
„Благодарение на брзата акција на ФБИ, нашите партнери и Министерството за правда во мултидржавна операција, повеќе лица сега се во притвор, а наводните планирани напади беа брзо запрени“, изјави Пател за „Фокс њуз“.












