Силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди Колумбија ги изненади дури и сеизмолозите. Фабио Флориндо, претседател на италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), вели дека од 1950 година, регистрирани се само два земјотреси со еднаква или поголема магнитуда во радиус од 250 километри од епицентарот. Тој предупредува дека сигурно ќе има последователни потреси и дека тие би можеле да траат со месеци, пишува „Кориере дела сера“.
„Никој не очекуваше земјотрес од оваа јачина во Колумбија“, изјави за „Кориере дела Сера“, Фабио Флориндо, претседател на италијанската INGV.
Иако целиот западен брег на Јужна Америка е сеизмички многу активен, тој го опиша овој настан како необичен.
„Од 1950 година, во радиус од 250 километри од сегашниот епицентар, регистрирани се само два земјотреси со еднаква или поголема јачина. Затоа го сметаме овој настан за аномален“, објасни тој.
Флориндо ги отфрла шпекулациите дека колумбискиот земјотрес би можел да биде директно поврзан со неодамнешните силни земјотреси во Венецуела.
„Нема докази или индикатори врз основа на кои би можела да се воспостави врска помеѓу двата настани“, рече тој.
Тој објаснува дека ова е многу голем тектонски систем и дека субдукцијата на плочата Наска може да генерира силни сеизмички настани долж голем дел од западниот брег на Јужна Америка, но тоа само по себе не значи дека поединечните земјотреси се поврзани едни со други.
Бројот на жртви од силниот земјотрес во Колумбија се искачи на 224, соопштија денес локалните власти. Претходно беше објавено дека во земјотресот загинале повеќе од 160 лица, додека повеќе од 700 се повредени, објави Ројтерс.
Речиси 200 лица се водат како исчезнати.












