
Компанијата „Трамп медија енд технолоџи груп“, која стои зад социјалната мрежа на Трамп, „Трут сошл“, по пријавените загуби ѝ се враќа на својата основна дејност. Нов извор на приход треба да биде услуга што им овозможува на клиентите, за одредена цена, побрз пристап до она што го објавува Доналд Трамп како американски претседател, пишува „Асошиетед прес“. Овој нов бизнис на Трамп поттикна етички прашања меѓу демократите и организациите за надзор, бидејќи приватна компанија поврзана со него заработува пари од брзиот пристап до информации што ги објавува тој како претседател
Медиумската компанија на американскиот претседател Доналд Трамп, „Трамп медија енд технолоџи груп“, објави дека пријавила нето-загуба од 238,1 милион долари во вториот квартал. Според „Ројтерс“, ова е драстично зголемување во споредба со загубата од околу 20 милиони долари од истиот период минатата година, а како главна причина се наведуваат нереализираните загуби поврзани со средства во криптовалути.
Но, сега таа компанија, која стои зад социјалната мрежа на Трамп, „Трут сошл“, зазема нов курс и ѝ се враќа на својата основна дејност. Нов извор на приход треба да биде услуга што им овозможува на клиентите, за одредена цена, побрз пристап до она што го објавува Доналд Трамп како американски претседател, пишува „Асошиетед прес“. „Трут сошл“, која ја лансираше Трамп откако го исфрлија „Твитер“ и „Фејсбук“ од своите платформи, стана место каде што претседателот често е првиот што објавува информации за американската политика, за војната во Иран, царините, монетарната политика… Новиот извршен директор на „Трамп медија“, Кевин Мекгурн, изјави дека компанијата веќе привлекла неколку фирми за тргување со висока фреквенција. Секоја од нив плаќа помеѓу 80.000 и 100.000 долари месечно за пристап до новата услуга. Тој додаде дека потенцијалните клиенти не се само трговци туку и компании што управуваат со центри за податоци, медиумски организации и развивачи на големи јазични модели. Услугата, наречена „Трут АПИ“, им овозможува на клиентите да ги добијат објавите на Трамп пред да станат широко достапни. За трговците од „Волстрит“, неколку секунди предност може да вредат многу пари ако објави претседателот информации што би можеле да влијаат на пазарите.
Во првата недела од работењето, услугата привлече десет клиенти. Според презентираните податоци, тие заедно би можеле да ѝ донесат на „Трамп медија“ помеѓу 6,1 и 10,4 милиони евра годишно, што е два-трипати повеќе од вкупниот приход на сите нејзини бизниси минатата година. Но, овој нов бизнис на Трамп, исто така, поттикна етички прашања меѓу демократите и организациите за надзор, бидејќи приватна компанија поврзана со него заработува пари од брзиот пристап до информации што ги објавува тој како претседател.









![[Разговор] Ана Франговска: Галичник никого не остава рамнодушен, годинава е во центарот на уметничката креација](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/08/ana-frangovskae-100x70.jpg)

