четврток, јули 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА И архимандритите на МПЦ-ОА ќе се иселуваат?

И архимандритите на МПЦ-ОА ќе се иселуваат?

1062
На претстојната синодска седница, ќе се најде барањето на владиката Петар Европската епархија да се подели на три дела, а Австралиско-сиднејската е со упразнет трон и чека нов владика, при што дилеми има и околу Американско-канадската епархија. Сето тоа укажува дека новите кадри кои ќе се бараат меѓу единаесетте архимандрити ќе заминат од татковината, но и дека ќе следуваат заткулисни синодски игри околу изборот. „Факт е дека во странство, посебно во европските земји, веќе имаме повеќе раѓања и венчавки отколку во намесништвата и парохиите во земјава. Иселувањето го прави своето. Така, Синодот и тоа ќе го има предвид кога ќе расправа за барањето на владиката Петар. Но, важно ќе биде и што мисли надлежниот европски владика околу тоа, а своето мислење ќе го кажат и другите митрополити“, открива за весникот ВЕЧЕР член на Синодот, кој сакаше да остане анонимен

 

Наместо една, да има три нови епархии во Европската епархија на МПЦ-ОА. Вакво барање и предлог, деновиве, најави дека ќе даде преспанско-пелагонискиот митрополит Петар на претстојната синодска седница. Дали веднаш ќе биде одбиен, прифатен или ставен во подолга процедура на анализирање, ќе се види на седницата. Индикативно е тоа што надлежниот европски митрополит, владиката Пимен, деновиве молчи околу овој предлог, дури и по навредливите квалификации кои на неговата сметка ги упати неговиот синодски колега. Но, како и да е, барањето и мислењата дека во Европската епархија треба да се формираат нови епархии е легитимно. И не само кога е таа во прашање, туку и кога, на пример, се работи за Американско-канадската епархија, додека во случај на двете епархии во Австралија може да се каже дека двете воспоставени епархии, по поделбата пред десетина година на дотогаш единствената целина, сега се соодветни за потребите и ставовите на тамошните верници.

МПЦ-ОА секогаш ја приспособувала својата организациска поставеност на потребите на населението. Со децении, таа шема беше во рамките на седум епархии во земјава и три во странство. Но, потоа се случи поделбата на дотогаш единствената Полошко-кумановската и на Австралиско-новозеландската епархија. Се случи и создавање на три нови малечки епархии со цел да се примат достоинствениците на ПОА по историскиот договор со СПЦ. Со тоа, бројот на епархиите нарасна на 15. Но, последниве години, трендот на иселувањето си го направи своето – пописите покажаа дека населението во земјава меѓу два пописа се намали за околу цели 200.000 граѓани. Од нив, најголем дел сега се жители на европските земји, на САД, на Канада…

По две децении во една епархија

– Факт е дека во странство, посебно во европските земји, веќе имаме повеќе раѓања и венчавки отколку во намесништвата и парохиите во земјава. Иселувањето го прави своето. Така, Синодот и тоа ќе го има предвид кога ќе расправа за барањето на владиката Петар. Но, важно ќе биде и што мисли надлежниот европски владика околу тоа, а своето мислење ќе го кажат и другите митрополити – открива за весникот ВЕЧЕР член на Синодот, кој сакаше да остане анонимен.

Прашањето е дали еден митрополит може и натаму доволно ефикасно да покрива толку големи епархии какви што се Европската или, пак, Американско-канадската. Митрополитите Пимен и Методиј, кои со нив управуваат цели две децении – од 2006 година – и кои им беа први задолженија како новоизбрани владици, досега јавно не барале помош и поделба. Според владиката Петар, потребна е поделба за да не се случува надлежниот владика во некои земји и региони да не оди со години и години.

– Ако сме 500.000 во Европската епархија, не може дедо Пимен, откако е поставен на таа епархија, 10 години да не е стапнат во Англија. А таму има четири црковни општини. А каноните велат дека ако еден архијереј шест месеци не стапне во својата епархија, во конкретниот случај, држава, му се одзема епархијата – нагласи деновиве владиката Петар.

Синодот пред неколку години имал и барање до американско-канадскиот митрополит Методиј да организира црковен живот и во Јужна Америка, но тоа не се заврши за да се прошири епархијата, а тој да добие и титула на „јужноамерикански митрополит“.

 Нови епархии за нови заткулисни игри

Но, она што го придружуваше неговото барање – дисквалификувањето на европскиот владика Пимен со зборовите дека е „лажен владика и дека треба да си оди од црквата“ – се заканува објективната расправа за потребата од нови епархии да ја претвори во синодски игри, калкулации и обиди за фаворизирање и избор на свои пулени во најважниот црковен орган. Всушност, изборот на нови владици секогаш бил проследуван и со димензија на заткулисни игри и подметнувања и договарања. Оттаму и дилемата дали тешките квалификации кои еден владика упатува кон друг имаат за цел да го дискредитираат европскиот митрополит Пимен? Сè со цел да не се уважува неговото мислење околу поделбата на Европската епархија и таа да се подели на три дела, и уште помалку да се уважува неговото мислење околу евентуален избор на нови владици.

А бројот на постојните архимандрити во редовите на МПЦ-ОА веќе е значително голем – 11 – и отвора бројни комбинации и желби за избор на „свои луѓе“. Минатата година, МПЦ-ОА по брзи постапки избра три нови архимандрити – Агатон од манастирот „Свети Пантелејмон“ во Скопската епархија на чело со архиепископот Стефан, Фотиј во „Свети Јоаким Осоговски“ во Кумановско-осоговската со која управува владиката Григориј и Серафим од манастирот „Свети Јован Претеча“ од Преспанско-пелагониската, со која раководи токму владиката Петар. Со тоа тие им се придружија на осуммина други архимандрити: четворицата од Бигорскиот манастир – Доситеј, Кирил, Макариј и Анатолиј, Нектариј од „Свети Наум“, Никодим од манастирот во Трескавец, Иринеј од храмот „Свети Три ерарси“ во скопски Аеродром, како и Гаврил, кој е во Австралиско-сиднејската епархија и кој уште чека на избор на нов владика. Извесно, од нивните редови сигурно ќе се избираат нови владици доколку се тргне во процес на формирање на нови епархии. Притоа, не се исклучуваат ниту можности за нови експресни унапредувања во архимандритски чинови на актуелни старешини на некои манастири. А тоа ќе значи дека новите високи црковни достоинственици своите први задолженија ќе ги добијат во странство, каде што веќе им се преселени илјадници сограѓани. А таму, најверојатно, ќе останат со години.

– Епархиите во земјава веќе се пополнети и тука не може да се очекува нова реорганизација. Во нив нема место за нови владици. Места може да се наоѓаат само во странство, но околу тоа треба да се постигне договор откако ќе стигне барањето на синодската седница – ни вели нашиот соговорник од Синодот.

Српската православна црква, на пример, има повеќе епархии во Европа: Британско-ирска епархија со седиште во Лондон, Австриска епархија, Будимска епархија во Сентандреја, Диселдорфска и германска, Западноевропска епархија, Скандинавска епархија, Темишварска епархија и Швајцарска епархија.

На другите континенти, пак, ги има следните епархии: Австралиско-новозеландска митрополија, Буеносајреска епархија, Западноамериканска епархија, Источноамериканска епархија, Вашингтонска епархија, Канадска епархија и Новограчаничко-среднозападноамериканска епархија. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ