Значајно влијание врз развојот на личноста и врз креирањето на добрата судбина одигрува и социјалната средина, односно општествената практика. Имено, не е исто да се родиме и да живееме во некоја африканска држава каде што има тотална анархија, минимални предуслови за квалитетна прехрана, за соодветно образование и за здравствена заштита. Или, пак, да се родиме и да живееме, на пример, во Виена, а сме суперталентирани музичари, каде што со нашите таленти многу полесно можеме да излеземе на површина и да се усовршуваме на професионален план. Од друга страна, да ја замислиме судбината на некое овчарче кое прекрасно свири кавал во некое неразвиено планинско село и кое креативно се опива од натуралната енергија произлезена од местото во кое се движи и престојува. Тој со својот кавал може да создава убаво задоволство, но не може да биде врвна музичка личност. Ограничувањата присутни на едно такво место не му го овозможуваат тоа, за разлика од некој што ја има можноста да учи и да се развива во некој голем град, како што се Виена, Милано, Париз, Лондон или Њујорк, каде што има многу можности и институции кои ќе му овозможат реализација на талентите и многу полесно излегување на површина.
Значи, освен слободата на волјата, семејните предуслови и генетиката, социјалната средина, исто така, одигрува значајна улога во воспоставувањето на хармоничната, односно дисхармоничната судбина. Сепак, тоа не значи дека поединецот што се родил и живее во некој велеград, каде што има идеални можности за развој – по автоматизам ќе стане духовен, културен и успешен. Тој можеби има некои предности од аспект на материјализирање на своите таленти, но без разлика кој каде е роден, секој индивидуално ги определува и ги усовршува духовноста, вредноста и посветеноста. Човекот ја поседува способноста да се анализира и да се утврдува самиот себеси и на тој начин да ја оствари хармонијата и смислата на животот.
Лошите социјални услови и негативните општествени практики, дефинитивно влијаат врз развојот на карактерот на личноста, но секој поединачно може да се извлече од вителот на деструктивноста и да тргне кон патот на позитивноста. Клучот се наоѓа во иницирањето на личната одговорност и во будењето на самосвеста, како единствен излез од негативните околности на живеењето. За овие прашања има пишувано и францускиот философ Жан Жак Русо, кој сметал дека успехот и вредноста на животот, освен од индивидуата, зависат и од состојбите што владеат во општеството, бидејќи иако „човекот се раѓа слободен, насекаде е во пранги“.
Судбината на човекот не може да биде хармонична ако во општеството владеат неморал, нееднаквост, криминал и ниска свест за општото добро. Тоа укажува дека добриот човек, без оглед што индивидуално го заобиколила несреќата, неминовно ќе се соочи со духовна болка и со страдање, ако во својата непосредна околина е опкружен со несреќни луѓе кои се жртви на разни тортури и ограничувања. Според Русо, клучно е да се изгради праведно демократско општество во кое нема да има некои кои оргијастично ќе уживаат во изобилство и ќе тонат во разврат, а другите ќе скапуваат во беда и немаштија.
Сите ние треба да градиме општество во кое ќе бидат вреднувани позитивните нешта, во кое ќе се ценат духовните и етички ангажмани, во кое секој одговорно и доблесно ќе ја извршува својата функција и со работниот ангажман ќе придонесе за себе и за заедницата во која живее.
Без верност кон должноста и без следење на етичкиот кодекс, нема да има добра општествена практика, а без добра општествена практика нема да има среќен народ и здрави поколенија. Ако поколенијата се несреќни и се соочуваат со потенцијална бесперспективност и неизвесност – што и каде понатаму?! Од една страна, вложуваат во себе, придонесуваат и копнеат своето знаење да го искористат за просперитетот на општеството. Од друга страна, општествената практика им создава отуѓување и неможност да најдат соодветна работа и достоинствено да го работат тоа за што учеле. Нивната цел, исто така, е да формираат семејство, но немајќи соодветна работа, немајќи соодветен личен доход, покрив над главата, тие многу потешко ќе формираат брачна заедница или ќе се одлучат да го прошират семејството со повеќе деца. Затоа, врз главите на многу брачни парови се надвиснати разни прашања и дилеми поврзани со финансиските предуслови и со можноста за проширување на семејството. Иако секој си е посебен на свој начин и може врз основа на таа своја посебност да најде решение за проблемите и ограничувањата на животот, сепак, сите ние сме дел од една поширока заедница, која може силно да ги детерминира слободата на волјата и свеста на поединецот.
За пример, да го земеме и феноменот на економската рецесија, на квазиприватизацијата и на добро искористената транзиција од страна на разни моќници, кои најчесто имаат заеднички именител: ориентација кон профитот, профитот и само профитот.
И тогаш ние се прашуваме: дали во светот владее исклучиво ориентираноста кон профитот, а многу малку чувството за колективното добро, за општествениот напредок и за хуманоста? Дали главното мото на дејствување е стремежот: дај јас да искористам што можам, дај да обезбедам пари за следните генерации, па што ми е грижа за другите.
Претходно асоциравме дека немањето соодветни работни места предизвикува многу поретко да се формираат семејства, без семејство помалку ќе се раѓаат деца, а човечките ресурси ја прават една земја постабилна и помоќна. И тогаш ние ќе бидеме соочени со неизвесната судбина, која не е зацртана туку била предизвикана судбина. Каде е излезот? Во определбата да се придонесува за општиот напредок, да се препознаат и воспостават вредностите, да се овозможат барем минимални предуслови секој да биде среќен, задоволен и успешен, иако тоа во најголем дел зависи и од индивидуалните аспекти на животот. Но, од друга страна, ако не ја отвориме можноста секој поединечно да ја почувствува среќата, да ја постигне интелектуалната реализација, да допре до себеси и да ги препознае предусловите за развој, тогаш младите, па и возрасните, нужно ќе бидат водени од негативистички тенденции и од лошата судбина.
Ретки се личностите кои се реформатори, со посебен духовен ген или код на размислување, кои ќе умеат на индивидуален начин да се воздигнат и да ги воспостават вредностите на поширок план. Вистинскиот интелектуалец се препознава по неговиот ангажман за доброто, за вредното, за етичкото и за сѐ што придонесува за општествениот напредок. Секој треба да најде начин да твори, да создава, бидејќи, како што асоцирал рускиот философ Николај Берѓаев: „Врвната човекова вредност е во творечкиот акт и во придонесот за општото добро“. Според него, човекот ја воспоставува својата слобода, својот духовен идеал преку создавањето што повеќе и повеќе добри и корисни дела, кои го облагородуваат и му овозможуваат реализирање на животната мисија.
Целта е да се заштитиме од злото и од негативните вибрации, да се отвориме за позитивните вредности и да ги постигнеме мирот и хармонијата. Без оглед на депримирачките елементи кои ги предочивме во однос на културолошката загаденост, заслепеност и затапеност, сите ние мора да најдеме начин да се себеизразиме и да создадеме подобро општество за живеење. За разлика од периодот на социјализмот и едноумието, кога колективистичката идеја ѝ беше надредена на индивидуалната иницијатива, денеска живееме на повисок степен на демократија и со можност за автономно креирање на сопствената личност.
Затоа, треба да ги искористиме позитивните придобивки и да изградиме здраво општество, во кое ќе преовладаат правдата, одговорноста, должноста и пред сѐ, квалитетниот живот.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












