Македонија го намалува јавниот долг, но со 58,8 % од БДП останува само чекор под границата од 60 %. Од Министерството за финансии уверуваат дека состојбата „до овој момент успешно се менаџира“ и дека задолжувањето е под контрола. Академикот Таки Фити предупредува дека земјата со ова ниво веќе е на границата кон висока задолженост и дека нема простор за непродуктивно задолжување. Во регионот, Македонија останува меѓу позадолжените земји, речиси изедначена со Црна Гора, но со повисок долг од Албанија, Србија, Бугарија и Косово
Јавниот долг на Македонија на крајот на вториот квартал од 2026 година изнесува 58,8 % од БДП, односно 10,726 милијарди евра. Тоа е намалување од 0,1 процентен поен во однос на првиот квартал, а во однос на крајот на 2025 година намалувањето е 0,6 процентни поени. Во споредба со крајот на 2024 година, јавниот долг е понизок за 2,6 процентни поени, според податоците објавени од Министерството за финансии.
Бројките покажуваат дека Македонија во моментов се наоѓа во горниот дел од скалата на задолженост во споредба со земјите од регионот. Меѓу земјите за кои има најнови достапни податоци, поголем удел на јавниот долг во БДП има само Грција. Кај Црна Гора долгот е 58,5 %, кај Албанија 49,02 %, кај Србија 43,9 %, додека Бугарија е на 28,5 %, а Косово на 15,56 %. Грција е далеку над сите со 143,5 % од БДП. За Бугарија, Грција и Косово станува збор за последен достапен податок за крајот на првиот квартал од годинава, додека за Македонија, Албанија и Црна Гора се земени предвид податоците на крајот на вториот квартал, а за Србија најновиот достапен податок е од јули 2026 година.
Разликата меѓу Македонија и Црна Гора е минимална – само 0,3 процентни поени. Црна Гора на крајот на вториот квартал имала бруто јавен долг од 5,02 милијарди евра, односно 58,5 % од БДП. Притоа, нето јавниот долг бил значително понизок, 52,3 % од БДП, поради одземањето на депозитите на државата.
Албанија е на нешто пониско ниво – 49,02 % од БДП во вториот квартал, додека јавниот долг на Србија на крајот на јули достигнал 41,8 милијарди евра или 43,9 % од БДП. Српското Министерство за финансии ја следи стапката во однос на проектираниот БДП за годината, што е важно при толкувањето на месечните
Најдолу на листата на јавен долг крај се Бугарија и Косово. Бугарија во првиот квартал од 2026 година имала јавен долг од 28,5 % од БДП, додека Косово во истиот период имало 15,56 %. Податоците на Централната банка на Косово покажуваат дека долгот на крајот на првиот квартал 2026 изнесувал 1,867 милијарди евра.
Грција, пак, е посебен случај. Според „Евростат“, на крајот на првиот квартал од 2026 година нејзиниот јавен долг изнесувал 360,1 милијарди евра или 143,5 % од БДП. И покрај исклучително високото ниво, трендот на намалување на јавниот долг кај нашиот јужен сосед е надолен: од 152,9 % на крајот на првиот квартал од 2025 година и 146,1 % на крајот на 2025 година, до 143,5 % на крајот на првиот квартал од оваа година.
Ако се погледне како се движел јавниот долг во Македонија, според годишниот извештај на Министерството за финансии ќе се забележи дека на крајот на 2024 година изнесувал 62,4 % од БДП. Тоа значи дека до вториот квартал од 2026 година односот е намален за 3,6 процентни поени. Министерството во своите понови објави ја наведува и состојбата од 59,4 % на крајот на 2025 година, што значи дека во првата половина од 2026 година односот е дополнително намален за 0,6 процентни поени.
Но, падот на односот долг/БДП не значи дека долгот во апсолутен износ се намалува во истиот обем. На крајот на вториот квартал од 2026, јавниот долг изнесува 10,726 милијарди евра. Во вториот квартал државата исплатила повеќе од 300 милиони евра за сервисирање на дел од еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во 2020 година, при што поголемиот дел од обврската бил сервиран во првиот квартал.
Токму овој сооднос меѓу номиналниот долг и неговото учество во БДП е суштински. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека состојбата со јавниот долг „до овој момент успешно се менаџира“, повикувајќи се на фактот дека долгот во вториот квартал е 58,8 % од БДП и дека државата е со ниво на јавен долг околу 60% од БДП и се бори да не го надминете тој праг, односно, како што посочува министерката, успева да остане под границата од 60 %.
– Не е едноставно цело време да се движите со ниво на јавен долг околу 60% од БДП и да се борите да не го надминете тој праг – вели министерката.
Нејзината аргументација е дека самото надминување на одредена граница не треба да се гледа изолирано, туку треба да се анализира за што се користат средствата од задолжувањето и дали тие придонесуваат за економски раст. Во таа смисла, таа ги наведува инвестициите во болници, патишта, железници и друга инфраструктура како дел од поширокото разбирање на животниот стандард.
Истовремено, министерката во најновата изјава за јавните финансии нагласува дека до крајот на годината не се очекува буџетскиот дефицит да излезе над рамките утврдени со ребалансот, а задолжувањето треба да се движи во планираните рамки. Таа вели дека Министерството за финансии ги следи приходите и расходите, како и состојбите на глобално ниво, и дека одлуките ќе се носат зависно од економските движења.
Академикот Таки Фити на промоцијата на неговата книга „Неолибералната економска филозофија“ во вторникот, предупреди дека земјата треба да биде исклучително внимателна со идните задолжувања, нагласувајќи дека нивото на јавниот долг е блиску до границата што ја одвојува умерената од високата задолженост.
– Со 60 проценти долг веќе сме на таа граница кон високо задолжени земји, ако се имаат предвид големината на економијата, извозната моќ и извозните приходи неопходни за сервисирање на долговите – истакна Фити.
Според него, задолжувањето е оправдано кога средствата се насочуваат кон продуктивни инвестиции како инфраструктура, железнички коридори, технолошки развој и нови економски активности, но предупреди дека непродуктивните трошоци не создаваат основа за враќање на долговите во иднина.
Како и да е, бројките кажуваат дека Македонија со ова ниво на јавен долг останува значително позадолжена од Албанија, Србија, Бугарија и Косово, а е практично на исто ниво со Црна Гора. Важно е да се истакне дека Македонија и Црна Гора користат национални дефиниции за јавниот долг, додека Бугарија и Грција се споредуваат преку хармонизираната методологија на „Евростат“ за бруто-долг на општата влада. Затоа процентите посочени низ текстот се корисни за ориентација и регионална слика, но при строго меѓународно рангирање треба да се користи единствена методологија.
(С. Бл.)












