На концертот заедно со оркестарот на Македонската филхармонија како солист ќе настапи младиот 13 -годишен машки сопран Алексис Изар Гордон, а диригент е Александар Гордон. На програмата се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонијата бр.4 во ге-дур од Густав Малер
Македонската филхармонија, вечерва (1 октомври), во 20 часот, со концертот насловен „Симфониски бранови“ ќе ја отвори новата концертна сезона „Филхармонија: On Air“. На концертот заедно со оркестарот на Македонската филхармонија како солист ќе настапи младиот 13 -годишен машки сопран Алексис Изар Гордон, а диригент е Александар Гордон. На програмата се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонијата бр.4 во ге-дур од Густав Малер.
Маестро Александар Гордон зад себе има навистина богата кариера како виолист, но во последниве години тој е и успешен диригент. Всушност, неговиот дебитантски настап како диригент се одржал во Финска, во 2014 година со Симфонискиот оркестар на Лапеенранта, што му донел покани да диригира и со останатите оркестри во Финска. Во 2017 година следувал мошне значаен концерт кој му донел покани за диригирање ширум светот. Во 2015 година, Александар Гордон бил именуван за уметнички директор и диригент на Меѓународниот нов симфониски оркестар (INSO) во Лвив, давајќи му на овој мултинационален германско-руско-украинско-еврејски музичар улога на „Амбасадор на мирот“ во Украина, со цел да донесе мир и единство преку музиката. Инаку, на само 23 години, Александар Гордон бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија. Во 2012 година, по десет години како лидер на виола-секцијата на ЛПО, тој заминал за да се посвети целосно на својата кариера како солист и диригент.
Алексис Изар Гордон е тринаесетгодишен сопран и член на Оперското училиште на Виенската државна опера, каде што се образова од својата осма година. Роден е во Лондон во 2013 година, во семејство на професионални музичари, а подоцна со своето семејство се преселил во Виена. И покрај младата возраст, Алексис веќе има значајно сценско искуство. Настапувал во големи оперски продукции на Виенската државна опера, меѓу кои „Кармен“ од Бизе, „Пиковата дама“ од Чајковски, „Отело“ од Верди, „Боеми“ од Пучини, „Жената без сенка“ од Рихард Штраус и „Возек“ од Берг. Настапувал и со Виенската филхармонија во „Пасион според Јован“ од Бах, како и во „Волшебната флејта“ од Моцарт. На десетгодишна возраст го остварил своето деби во Стокхолм како сопрански солист во Четвртата симфонија од Густав Малер, под диригентство на својот татко, Александар Гордон Земцов. За него се создадени и две нови дела – „Agnus Dei“ од украинскиот композитор Александар Родин и „Ave Maria“ од бугарската композиторка Борислава Танeва, кои ги праизвел во Финска. Покрај пеењето, Алексис изучува пијано, кларинет, виолина и виола.












