Според анализата, семејството Трамп наводно заработило до пет милијарди долари преку инвестиции, криптовалути, политички врски и профитабилни договори. Инвеститорите кои вложувале во бизниси поврзани со Трампови, за возврат добиле политички бенефиции, пристап до администрацијата, па дури и помилувања. Процените на „Фајненшал тајмс“ откриваат дека Трамп би можел да заработи околу 350 милиони долари само од проектот со неговата криптовалута, а во таа приказна е вклучена и Меланија Трамп, која го лансираше својот мемекоин, чија вредност, исто така, експлодираше пред да падне нагло
Американскиот новинар Исак Сол, основач на независниот политички билтен „Тангл“, објави обемна истрага во која тврди дека Доналд Трамп и неговото семејство заработиле милијарди долари за време на неговиот втор мандат преку деловни договори поврзани со политичко влијание и одлуки на американската администрација.
Според неговата анализа, семејството Трамп наводно заработило до пет милијарди долари преку инвестиции, криптовалути, политички врски и профитабилни договори. Сол тврди дека инвеститорите кои вложувале во бизниси поврзани со Трампови, за возврат добиле политички бенефиции, пристап до администрацијата, па дури и помилувања, објави „Индекс“.
Посебно внимание во истрагата е посветено на трансакциите со криптовалути. Во 2024 година, семејството Трамп ја основа компанијата „Ворд либерти фајненшал“, која, според истрагата, остварила приходи од околу една милијарда долари до крајот на 2025 година. Во исто време, администрацијата на Трамп ги олабавува регулативите поврзани со пазарот на криптовалути, додека семејната компанија ги проширува операциите и привлекува големи инвеститори.
Само неколку дена пред почетокот на вториот мандат, Трамп ја лансираше и својата криптовалута наречена „$ТРАМП“, позната како мемекоин. Вредноста на тој токен драстично се зголеми по агресивната промоција на социјалните медиуми и настаните организирани во луксузните одморалишта на Трамп. Според процените на „Фајненшал тајмс“, Трамп би можел да заработи околу 350 милиони долари само од тој проект. Во приказната е вклучена и Меланија Трамп, која го лансираше својот мемекоин, чија вредност исто така експлодираше пред да падне нагло.
Анализата на новинарот, исто така, наведува случаи во кои странски инвеститори и милијардери поврзани со истрагите на американските регулатори инвестирале десетици милиони долари во проекти поврзани со Трампови, по што одредени постапки против нив биле ублажени или суспендирани. Се споменуваат и врски со Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, вклучувајќи милијарди долари инвестиции, раскошни подароци и профитабилни воени договори одобрени од американската администрација за време на мандатот на Трамп.
Во текстот е издвоен Џаред Кушнер, кој раководи со инвестициски фонд финансиран со милијарди долари од Саудиска Арабија, паралелно со политичките преговори на Блискиот Исток.
Авторот на истрагата, исто така, тврди дека одредени големи компании, вклучувајќи банки и технолошки гиганти, донирале милиони долари во фондот за инаугурација на Трамп, по што одредени истраги против нив биле забавени или замрзнати. Покрај со финансиските аранжмани, истрагата се занимава и со контроверзните претседателски помилувања за индивидуални донатори на Републиканската партија и кампањата на Трамп.
Конечно, Сол заклучува дека обемот, начинот и отвореноста на овие деловни и политички врски претставува, како што тврди, еден од најголемите примери за можни судири на интереси и политичка корупција во модерната американска историја.












