Од банери од домашни и меѓународни минати изложби и настани до уникатни ташни, ранци и несесери…

Националниот археолошки музеј  на веќе искористените материјали им дава нова можност, а креативноста во порака за инклузија и заедништво.

На 5 октомври (18 часот) во музејот ќе се одржи „Приказна што се носи“, настан кој преку ревија на уникатни рачно изработени производи ќе покаже дека старото може да добие нов живот, а секој човек, можност да создава и придонесува.

Настанот го организира Националниот археолошки музеј, во соработка со ДСУРЦ „Партенија Зографски“и „Прекроено МК“, во иницијатива која за првпат се реализира во ваков формат кај нас. Во фокусот ќе бидат старите банери кои некогаш биле носители на пораки од различни музејски изложби и настани.  Денес, наместо да бидат отфрлени, тие стануваат уникатни модни и употребливи  предмети – ташни, ранци и несесери, создадени со имагинација, рачна работа и заеднички ангажман. Преку оваа трансформација, „Приказна што се носи“ испраќа порака дека одржливоста не значи само повторна употреба на материјалите, туку и создавање нова вредност од она што веќе го имаме. Посебен акцент е ставен на инклузијата.

Заедничката работа со ДСУРЦ „Партенија Зографски“ покажува дека различните способности се потенцијал за создавање и дека вистинската инклузија се гради преку можности, учество и заедничка работа. Настанот е дел од серијалот активности со кои Националниот археолошки музеј оваа година ги одбележува Европските денови на културното наследство, под темата „Наследство во ризик – Оживеј – Заштити – Преосмисли“.

„Приказна што се носи“ не е само ревија на уникатни производи. Тоа е приказна за луѓето, идеите и можноста да му дадеме ново значење на она што веќе постои. Бидејќи понекогаш, најубавите нови приказни се создаваат од нешто што веќе ја раскажало својата стара.

 

 

ИЗДВОЕНИ