четврток, октомври 1, 2026
Дома СПОРТ ЈАСНА ПОРАКА ОД НАВИВАЧИТЕ: Оставка Седло за доброто на мак-фудбалот, не те...

ЈАСНА ПОРАКА ОД НАВИВАЧИТЕ: Оставка Седло за доброто на мак-фудбалот, не те бива, кратко и јасно!

0

И вториот натпревар од новото издание на Лигата на нации, репрезентативците на Македонија го завршија со наведнати глави. По саботниот неуспех против селекцијата на Швајцарија (0:3), избраниците на Гоце Седлоски се поразени со 2:0 на гостувањето во Словенија.

Експериментот на селекторот, кој направи осум измени во почетниот состав, се покажа како неуспешен, а поразот од Словенија боли уште повеќе затоа што Македонија е поразена од една репрезентација која не одигра ништо специјално и слободно може да се дефинира како просечна.

„Црвено-жолтите“ не знаат за победа повеќе од една година, а противничката мрежа не ја погодиле повеќе од 600 минути. Откако Седлоски седна во селекторското столче, на шест натпревари имаме четири порази и два пати одигравме без погодок, но и покрај таквата ужасна статистика, трофејниот стручњак по натпреварот изјави дека не планира да се откаже.

– Денеска моите фудбалери дадоа сè од себе, почнавме еден процес на подмладување и нема да застанаме тука. Поразот како пораз боли, но момците го оставија срцето на теренот. Не постигнавме гол, но создадовме шанси, освен тие десет минути во вториот период кои не одигравме најдобро. Тажен сум јас, тажни се и момците, нормално, но сега е Шкотска и немаме многу време за одмор, мораме да се подготвуваме за тој натпревар, изјави Седлоски.

И покрај единствената „позитивна вест“, најпосле упативме директен удар кон противничкиот гол, тоа се случи по 80. минута, голем број македонски навивачи на социјалните мрежи побараа оставка од Седлоски, но и од челниците во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

„Најголемо засилување на репрезентацијата ќе биде да си поднесеш оставка бидејќи немаш успешна кариера никаде како тренер“, „Ај да го подмладиме Седлоски со друг селектор“, „Најслабиот селектор досега што го имала Македонија, да не знаете на гол да шутнете, дрва едни“,

„Оставка Седло за доброто на мак-фудбалот, не те бива, кратко и јасно“, „Вака не се игра во 3. лига, а не во репрезентација, Срам да ви е, скријте се“, „Лапај си 10.000 евра месечно и не се замарај!, „Така е Гоцка, дури идат тие зад тебе да те поддржуваат, немаш мака, сè е по планот“, „Милевски за тебе е Анчелоти!, „Врати се у македонска лига, ќе ти наместа уште некоја титула за да изиграваш тренериште“, се само дел од коментарите објавени на социјалните мрежи.

За среќа, Седлоски и Македонија за неколку дена ќе имаат нова шанса за да го обелат образот. В сабота (20:45 ч.), на националната арена „Тодор Проески“, гостува селекцијата на Шкотска, која беше дел од изминатото Светско првенство, а на првите два натпревари од новото издание на Лигата на нации одигра без голови против Словенија и доживеа пораз (0:3) од селекцијата на Швајцарија.

ИЗДВОЕНИ