Неколку ракети лансирани од Хутите ја погодија претседателската палата Ал-Машик во Аден, при што загинаа двајца припадници на безбедносните сили на премиерот Шејх ал-Зиндани, соопшти денес меѓународно признатата влада на Јемен.
Бунтовниците поддржани од Иран изјавија дека целта им бил наводен центар за воени операции на Саудиска Арабија, кој се наоѓа во комплексот, објави Си-Ен-Ен.
Во соопштението издадено од Министерството за информации на владата се вели дека премиерот е безбеден по нападот.
„Премиерот Шејх ал-Зиндани и членовите на владата се безбедни по ракетниот напад на Хутите врз палатата Ал-Машик во привремениот главен град Аден“, се вели во соопштението.
Аден е де факто главен град и седиште на меѓународно признатата влада на Јемен.
Хутите изјавија дека денешниот напад е дел од нивната јавно објавена стратегија за таргетирање на саудиските воени сили каде и да се.
„Гранатирањето на воениот оперативен штаб на саудискиот непријател во Аден е дел од нашата декларирана стратегија за таргетирање на саудиските воени сили каде и да се, сметајќи го секое воено присуство на саудискиот непријател како легитимна цел“, се вели во соопштението.
Јеменската влада не даде детали за видот на употребените ракети или обемот на штетата на палатата.












