четврток, октомври 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Украдени лозинки, туѓи профили и алатки за измами се продавале на OLVX,...

Украдени лозинки, туѓи профили и алатки за измами се продавале на OLVX, 20-годишник од Тетовско под истрага на МВР и на ФБИ

КИБЕРКРИМИНАЛОТ СЕ ПРОДАВАЛ КАКО СТОКА НА ЦРНИОТ ИНТЕРНЕТ

0

Украдени лични податоци, лозинки за пристап до кориснички сметки и алатки за компјутерски измами се продавале на нелегалниот интернет-пазар OLVX, кој бил администриран и од 20-годишник од тетовското село Голема Речица. Македонската полиција и американското Федерално истражно биро (ФБИ) ја спровеле првата заедничка координирана кибероперација меѓу двете институции, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднел кривична пријава против Е. А. до Основното јавно обвинителство Тетово.

Осомничениот се товари за компјутерска измама, злоупотреба на личните податоци и за производство и дистрибуција на детска порнографија. Според МВР, во периодот од 2023 до 2025 година, тој администрирал домени и интернет-страници поврзани со OLVX, а во периодот од 2025 до 2026 година управувал и со нелегална група на „Телеграм“, наречена ONEMILI.

Пазар на украдени дигитални податоци

OLVX функционирал како црна берза на Интернет, каде што криминалците не купувале и продавале физичка стока, туку податоци со кои можело да се влезе до туѓи кориснички сметки и компјутерски мрежи. На платформата се среќавале продавачи што нуделе украдени податоци и купувачи што можеле да ги искористат за измами, кражба на идентитет или за неовластено влегување во туѓи профили. На ваквите пазари, лозинките и податоците за најавување се особено вредни, затоа што им овозможуваат на купувачите да се обидат да преземат туѓи сметки или да ги злоупотребат за други криминални активности. Се нуделе и услуги наменети за извршување киберкриминал, што значи дека купувачите можеле да набават средства за измама без самите да ги создаваат.

Колкав бил обемот на работењето, покажуваат податоците што ги објави МВР во април годинава. На серверите биле евидентирани повеќе од 2.600 кориснички сметки и над 1.500 сметки на продавачи, а вкупната продажна вредност на артиклите надминувала 500.000 американски долари. Овие бројки се однесуваат на евиденцијата на платформата и не значат дека сите регистрирани сметки биле сметки на оштетени лица. ФБИ соопшти дека преку повеќе од 1.500 продавачки сметки биле нудени лични податоци и податоци за најавување. Според американското биро, постоењето на пазарот директно ја загрозувало дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани.

 Истрагата продолжила и по затворањето на пазарот

Случајот не почнал вчера. На 28 април годинава, МВР соопшти дека во Голема Речица биле приведени две лица, на возраст од 20 и 23 години, осомничени дека биле администратори на OLVX. По наредба на Основниот суд Тетово, биле извршени претреси, при што биле одземени десктоп и лаптоп-компјутери и мобилни телефони за форензичка анализа. Тогаш полицијата соопшти дека била активна платформата од јули 2023 година и функционирала преку повеќе интернет-домени. Новата кривична пријава против 20-годишникот е резултат на продолжената координирана истрага со ФБИ. Дополнително, според МВР, во периодот од 2025 до 2026 година, осомничениот администрирал група на „Телеграм“, под името ONEMILI. Преку неа биле нудени услуги и софтверски алатки за компјутерски криминал, меѓу кои и измами поврзани со незаконско враќање парични средства.

Обвинителството соопшти и дека има докази оти осомничениот, преку „Телеграм“, набавувал и поседувал за себе материјали со сексуална злоупотреба на деца.

– Во скриен фолдер на еден од телефоните беше утврдено дека тој поседувал вкупно 29 видеа со експлицитна содржина на полови дејства меѓу возрасни лица и деца. Поради тоа, 20-годишникот е осомничен и за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија според член 193-а од Кривичниот законик. Имајќи предвид дека постои несомнен ризик од бегство на осомничениот, кому му се ставаат на товар неколку кривични дела, како и поради опасноста тој да продолжи да врши кривични дела, јавниот обвинител достави до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово предлог за определување мерка притвор – соопштија од ОЈО.

Според Кривичниот законик, за компјутерска измама, основната казна е парична казна или затвор до три години. Ако е прибавена поголема имотна корист, казната е од три месеци до пет години, а ако е прибавена значителна имотна корист, од една до десет години затвор. За злоупотреба на лични податоци, основната казна е парична казна или затвор до една година. За набавување и поседување материјали со детска порнографија, кога е извршено делото преку компјутерски систем, законската одредба предвидува затвор од најмалку осум години.

ФБИ им се заблагодари на партнерите од Единицата за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР за успешното откривање и апсење на администраторот на OLVX. Од американското биро оценуваат дека операцијата ја покажува важноста на меѓународната полициска соработка во спречувањето на транснационалниот компјутерски криминал и во заштитата на граѓаните во дигиталниот простор. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ