Премиерот Христијан Мицкоски најави дека е дадена задача да се испита можноста за рестартирање на рафинеријата ОКТА, во услови на неизвесност на светскиот пазар на дизел. Министерката Сања Божиновска вели дека е процесот во рана фаза и дека се потребни технички проверки и детална економска анализа. Засега нема процени за потребните инвестиции и за роковите за повторно активирање на производството, додека од Владата уверуваат дека е стабилно снабдувањето со горива

Премиерот Христијан Мицкоски дал задача да се преразгледа можноста за повторно активирање на производството во рафинеријата ОКТА, која повеќе од една деценија не преработува сурова нафта, во услови на неизвесност на меѓународните пазари и на зголемени ризици за снабдување со дизел. Но, иако продуктоводот меѓу Солун и Македонија повторно е во функција, од Владата засега не излегуваат со конкретни процени колку би чинело рестартирањето, колку време би траело и дали би било домашното производство економски оправдано.
Мицкоски информираше дека веќе разговарал со раководството на ОКТА и со најголемите трговци со нафтени деривати, а од компанијата се очекува да достави информации за техничката состојба на постројките и за можниот рок за нивно активирање. Премиерот нагласи дека се прави дефектажа, по што треба да стане појасно дали е изводливо рестартирањето.
– Дадовме задача да се преразгледа можноста да се рестартира производствениот процес на рафинеријата ОКТА, имајќи предвид дека продуктоводот сега е во функција, односно Рафинеријата е физички поврзана со солунското пристаниште. Така што, во иднина може да се носи сурова нафта, да се преработува во рафинеријата и да се користи за дизел-гориво – рече Мицкоски, одговарајќи на прашања на новинарите на прес-конференција во Владата посветена на нова инвестиција на германската компанија „Кромберт и Шуберт“ во зоната Жабени кај Битола.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, посочува дека станува збор за почетна фаза во која допрва треба да се соберат техничките информации и да се направат анализи пред да се донесе каква било одлука.
– Рафинерија е нешто што е многу старо, не работи од 2012 година. Има некои дискусии, но сега е во рана фаза. Треба да добиеме многу информации и технички податоци. Засега е како опција – изјави Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања за можноста за повторно почнување на производството.

Според неа, фактот што функционира продуктоводот е важен предуслов за разгледување на оваа можност. Сепак, неговата оперативност сама по себе не значи дека рафинеријата може веднаш да се врати во погон.
Прашањето за економската оправданост останува една од клучните непознати. Божиновска вели дека се потребни детални пресметки со сите релевантни параметри пред да може да се процени дали е поисплатливо да се преработува нафтата во земјава или да продолжи увозот на готови горива.
– Кога ќе се направи детална анализа со сите бројки и параметри, ќе знаеме повеќе – посочи министерката, потсетувајќи дека веќе се користи продуктоводот за транспорт на горива.
Рафинеријата беше проектирана со капацитет за примарна преработка од 2,5 милиони тони сурова нафта годишно, но нејзината технологија не овозможуваше ефикасно добивање поголеми количества полесни и комерцијално поисплатливи деривати без дополнителни постројки за подлабока преработка.
Во минатото, значителен дел од преработената нафта завршуваше како мазут, додека дизелот и бензинот имаа поинаков удел во производствената структура. Тоа создаваше проблем со пласманот на одредени деривати, а домашната побарувачка за дизел не секогаш можеше да се задоволи само со производството во Скопје. Затоа, евентуалното обновување на работата ќе бара не само техничка проверка туку и анализа на пазарот, трошоците и на можностите за продажба на добиените производи.
Во меѓувреме, од Владата уверуваат дека е стабилно снабдувањето со горива, и покрај турбуленциите на меѓународните пазари. Божиновска вели дека е приоритет да се обезбедат доволни количества енергенси, а потоа да се спречат нагли ценовни промени што би го погодиле животниот стандард на граѓаните.
– Ние, како Влада, правиме сè да има сигурност во снабдувањето. Тоа се виде со дизелот, кога беше криза, имавме најниски цени. Првенствено ни е сигурноста во снабдувањето, а понатаму и сигурноста во цените – изјави таа.
Министерката посочи дека на меѓународните случувања, вклучително и воените конфликти, се должи дел од нестабилноста на цените на горивата во Европа. Според неа, Македонија досега успеала да ја одржи сигурноста во снабдувањето, иако купувањето гориво од соседните земји е зголемено за околу 30 проценти.
Во однос на можноста за продолжена криза, Божиновска уверува дека државата ги има законски предвидените резерви, додека трговците имаат обврска да чуваат количества за најмалку пет дена. Таа додава дека институциите се во постојана комуникација со компаниите и со „Хеленик петролеум“, од каде што, според неа, добиле уверувања дека ќе продолжи снабдувањето без прекини.
Мицкоски, пак, предупреди дека долготрајниот прекин на испораките на дизел би бил сериозен предизвик за секоја држава, вклучително и за Македонија. Сепак, според информациите што ги добил од трговците, до крајот на годината не се очекуваат проблеми со снабдувањето, а добил уверување и за наредната година.
Рафинеријата ОКТА, основана во 1978 година и стратешки поврзана со грчката енергетска групација „Хеленик енерџи“ од 1999 година, останува важен дел од енергетската инфраструктура на земјата. Но, нејзиното евентуално враќање во погон ќе зависи од повеќе фактори: техничката исправност на опремата, потребните инвестиции, профитабилноста на производството и идните потреби на домашниот пазар.
(С. Бл.)












