Премиерот Христијан Мицкоски се огласи за случајот со Ива Михајлова, која избега од Македонија и замина во Бугарија и покрај изречените судски мерки. Мицкоски категорично ги отфрли тврдењата што ги објавија бугарските медиуми дека Михајлова и нејзиниот адвокат ја преминале границата на регуларен граничен премин, каде што наводно биле поздравени од службениците. Тој рече дека според информациите со кои располага македонската страна, таа била пренесена во Бугарија на нелегален начин, а МВР истражува како се случило тоа. Тој посочи дека последната евиденција со која располага македонската страна, а која, како што рече, била потврдена и од бугарската страна, покажува дека адвокатот влегол во Македонија на 28 септември, а не на датумот што го наведувал.
„Иако станува збор за личност со сомнително минато, сепак сакам овие работи да ги знае јавноста. Од друга страна, исто така можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. Министерството за внатрешни работи истражува и ќе дојдеме до сознание на кој начин е однесена“, рече премиерот.
Мицкоски повтори дека и родителот на Михајлова, кој, според него, треба да одговара пред македонските власти, и самата Ива, која треба да ја докажува својата невиност, ќе се соочат со правдата.
„Ако некој мисли дека на овој начин обезбедил одредена заштита, на начин на кој што се обидува да ги наруши меѓусоседските односи меѓу двете држави, жал ми е што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата која самите себе си ја прават на меѓународен план. Но тие одбраа таква политика“, рече Мицкоски.
Тој го критикуваше начинот на кој, според него, бугарската страна го третира случајот, обвинувајќи дека од него се прави медиумски спектакл наместо да се овозможи лицето да се врати во Македонија и да се соочи со последиците од судската постапка.
„Жалам што тие наместо лице правосилно осудено да го вратат тука, да ја отслужи казната за тоа што е осудено, тие во него прават естрадна ѕвезда и кловн. И жалам што млада девојка која што најголемиот дел од својот живот и образование го стекнала во својата татковина Македонија, одлучила да биде ова кое што денеска се претставува кај нашиот источен сосед. Но еве јас ја гледам македонската јавност во очи и ви велам: ‘Кога-тогаш, и единиот и другиот ќе се соочат со правдата’“, дециден е Мицкоски.












