четврток, октомври 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОД ОХРИД ДО ВАТИКАН, ОД СОФИЈА ДО САНКТ ПЕТЕРБУРГ – КУЛТУРНОТО БОГАТСТВО...

ОД ОХРИД ДО ВАТИКАН, ОД СОФИЈА ДО САНКТ ПЕТЕРБУРГ – КУЛТУРНОТО БОГАТСТВО РАСПРСНАТО НИЗ СВЕТОТ: Македонски реликвии красат туѓи музеи, кај нас не е ни списокот!

Во изминатото столетие, од Македонија се однесени бројни артефакти, реликвии и уметнички богатства, кои сега се наоѓаат во десетици земји, а чие враќање сè уште никој не го побарал. Експертите сметаат дека почетен чекор треба да биде изработката на единствен регистар на однесени вредности, кој завчера го побара и претседателот на МАНУ. „Поразително е тоа што сите изминати години откако сме самостојна држава, ниту еднаш не се пројави желба да се пристапи кон правење таква евиденција за да знаеме што сè имаме по светот“, вели публицистот Нове Цветановски, автор на единственото дело „Разнесено наследство“, во кое прв и последен пат е направен обид за некаква евиденција на вредностите

0

Илјадници мошне вредни и ретки уметнички богатства распослани од Москва до Синај и најчесто далеку од очите на јавноста, без да се знае дека потекнуваат од Македонија, е судбината на многубројните предмети однесени од Македонија. Стари ракописи, монети, богослужбени предмети, па сè до архиепископски митри и жезли украсени до скапоцени камења се во музеите, библиотеките и во архивите на десетина земји, но досега не е побарано нивно враќање во македонските манастири, музеи и археолошки наоѓалишта од каде што своевремено биле земени. Всушност, не само што не биле побарани за враќање уметничките вредности што биле однесени во изминативе векови туку и македонската држава досега не успеала да направи точен регистар на сите тие вредности за да се знае дека потекнуваат од Македонија. А, според познавачите, докажувањето на потеклото и на сопственоста на реликвиите што биле однесени во некоја земја е првиот чекор да се побара и нивно враќање на локациите каде што се наоѓале со векови.

Изработка на еден таков регистер на однесени уметнички и археолошки артефакти вчера побара и претседателот на МАНУ, Живко Попов, на одбележувањето на годишнината на оваа значајна институција.

– Наша иницијатива е надлежните институции да направат регистар на археолошките артефакти и предмети што се изнесени од Македонија и да поведат постапка за нивно враќање – изјави Попов.

Прашањето за враќање на уметничките богатства се актуализира откако Грција и Бугарија постигнаа меѓудржавен договор. Со него, грчката страна доби 48 вредни реликвии од бугарските музеи, кои своевремено биле однесени од духовните светилишта на подрачјето на Егејска Македонија во Грција, како компензација за отстапување на останките на личноста за која се верува дека бил цар Самуил. Меѓу вратените предмети се најде и реликвијарот – моштехранилницата света Матрона Константинополска, која потекнува од црквата „Свети Климент“ од Охрид, а што предизвика реакции во бугарската јавност, но го отвори и прашањето за судбината на артефактите кои потекнуваат од нашата држава и кои, очигледно, одново се предмет на договори, трговии и пазарења.

Потребен е регистар за да знаеме што имаме

Прашањето на нивното евидентирање и враќање во Македонија практично никогаш не било сериозно поставено, ниту, пак, се работело на тоа во изминативе 35 години самостојна македонска држава. Ова и покај фактот што Македонија е потписник на клучни меѓународни конвенции. Само во периодот на заедничката југословенска федерација, по Втората светска војна, па до 1954 година, имало некои примери во кои тогашните македонски власти поднесувале официјални барања до Бугарија за враќање предмети одземени во текот на војните поради „привремено чување“ какви што се златните маски од Требеништа и вредните ракописи од Охридската архиепископија, но сите тие барања останале без ефект. Исто како и барањата упатувани до Србија.

Публицистот Нове Цветановски во 2006 година го објави делото „Разнесено наследство“, во кое првпат се прави обид за евидентирање на сето богатство на артефакти однесено од нашата земја.

– За жал, тоа е сè уште единствена некаква евиденција за нашите богатствата и артефакти што сега се наоѓаат во други земји. А се работи за илјадници предмети што се во Бугарија, Русија, Србија, Грција, Полска, Италија, Ватикан, Германија, Велика Британија, Света Гора… за кои знаеме дека се таму, но не и детално кои сè предмети. Апсолутно треба да се направи таков регистар и јас целосно ја поддржувам иницијативата на МАНУ. Проблем е само дали постои волја кај нас и да се направи тоа – наведува Цветановски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Достапните сознанија укажуваат дека највредните уметнички и други богатства од Македонија се однесени во Бугарија во 1916 година, во текот на Првата светска војна, кога бугарската војска го окупирала и Охридскиот Регион. Тогаш, со бугарските војници во Охрид дошол и владиката Борис, со задача да ги открие скапоцените предмети од културното минато и да ги однесе во Софија. Бугарската војска, по големи пребарувања, и покрај обидите на месното население да ги скрие реликвиите, ги пронашла и одзела. Па така исклучително вредни богатства, како митрата на свети Климент Охридски и на охридските архиепископи украсена со драгоцени камења, архиепископски жезол направен од слонова коска најден кај Имарет во 1911 година, плаштеницата на Андроник Палеолог, летопис на Јован Скилица, икона на спасителот Исус Христос од 13 век, сребрени и позлатени путиру, сребрени крстови, дарохранилници, евангелија, дваесетина стари ракописи… најмногу од манастирот „Свети Наум“, „Света Богородица Перивлепта“, но и други храмови во Охридско, вкупно 84 вредни предмети. Биле однесени и стотици икони од селата Маловишта, Драгош, Подмол, Новаци, Наколец… Тие сега се чуваат во бугарскиот Национален музеј, а во Софија се наоѓаат две златни погребни маски од Требеништа од шестиот век пред нашата ера, како и цела колекција од повеќе од 80 средновековни словенски ракописи.

Во Белград, Србија, се наоѓаат уште две златни маски од Требеништа, кои биле откриени од српските археолози, во текот на ископувањата од 1930 до 1934 година, кога била Македонија под Кралството СХС. Во белградскиот Народен музеј се уште 187 други артефакти од Требеништа, вклучувајќи ја и познатата златна ракавица со златен прстен, наодите од Хераклеја Линкестис и од Стоби – извонредни антички статуи, мермерни скулптури, ретки монети и накит…

Прв чекор за враќање

И во Русија има голем број непроценливи македонски средновековни ракописи, евангелија, икони и црковни реликвии како Мариинското евангелие (10–11 век), Слепченскиот апостол (12 век), Охридското евангелие (11 век), кратовските ракописи… Во Ватикан се чува познатото Асеманово евангелие од почетокот на 11 век, на Света Гора бројни ракописи, во Полска шест исклучително вредни македонски ракописи што потекнуваат од манастирот „Свети Димитрија“ во Прилеп, во Украина делови од познатиот Слепченски апостол, чие главно јадро денес е во Санкт Петербург, а во Синајскиот манастир во Египет – Синајскиот псалтир е средновековен македонски и старословенски книжевен споменик од 10 или почетокот на 11 век, напишан на глаголица.

Основен проблем сега е како да бидат заведени сите тие артефакти и уметнички вредности во единствен регистар.

– Поразително е тоа што сите изминати години откако сме самостојна држава, ниту еднаш не се пројави желба да се пристапи кон правење таква евиденција за да знаеме што сè имаме по светот. Апсурдна беше ситуацијата во која тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата бараше од мене да му подарам примероци од мојата книга за да добие макар некакви сознанија. Револтиран од тоа, не им подарив, но оттогаш никој не реагираше. А, токму од таквата евиденција зависи реституцијата, односно враќањето на однесените богатства таму каде што припаѓаат – наведува публицистот Цветановски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека таквата евиденција може да опфати вредности за кои со сигурност се знае дека постојат. Но, прашува Цветановски, што станува со оние артефакти што биле откриени во изминативе години и сигурно биле изнесени од земјава преку диви копачи и други илегални активности.

Од Управата за заштита на културното наследство вчера не можеше да се добие одговор на нашето прашање за нејзиниот став во однос на заложбата на претседателот на МАНУ, Живко Попов, за изработка на посебен регистар. (Б. Ѓ.)

Отстапени наместо да се зачуваат

Публицистот Цветановски наведува дека во изминативе години се сретнал и со примери кога биле изнесувани вредни предмети и ракописи од земјава, и преку отстапување од страна на институции и на поединци.

– Знам за еден случај во кој на еден наш академик од страна на една старо охридско семејство му бил даден вреден ракопис со цел да биде зачуван. Меѓутоа, по извесно време, се покажа дека тие ракописи потоа се најдоа во Белград, каде што се наоѓаат и сега – потенцира Цветановски.

 

ИЗДВОЕНИ