Хрватска повторно ја блокира Црна Гора на патот кон ЕУ: Запрено затворањето на уште две поглавја
Хрватска го блокираше затворањето на уште две преговарачки поглавја на Црна Гора во процесот на пристапување кон Европската Унија. На состанокот на Комитетот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ (COREPER), Загреб не даде согласност за затворање на поглавјата 15 – енергетика и 14 – транспортна политика.
Според црногорскиот портал „Вијести“, причината за блокадата на енергетското поглавје може да биде спорот околу истражувањето на нафта и гас во подрачје каде што двете земји немаат утврдено поморска граница. Друг извор тврди дека проблемот е енергетскиот кабел.
Хрватска од декември 2024 година го блокира и поглавјето 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, поради нерешени билатерални прашања.
Од Подгорица повторија дека билатералните спорови не треба да бидат услов за затворање на преговарачките поглавја.
Од трите поглавја што биле разгледувани на состанокот, зелено светло добило само поглавјето 22 – регионална политика и координација на структурните инструменти.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача дека нема да има попуштање додека Црна Гора не ги исполни поставените барања. Меѓу нив се и решавањето на прашањата за исчезнатите хрватски државјани, воените злосторства, бродот „Јадран“ и разграничувањето во областа на Превлака.
Црна Гора има цел да ги затвори преостанатите преговарачки поглавја до крајот на годината, со амбиција да стане членка на ЕУ во 2028 година.












