Македонија нуди конкурентни услови за странски инвестиции, со ниски даноци, раст на економијата и со стабилни макроекономски показатели. Ова го истакна вицепремиерот Александар Николоски на средбата со претставниците на Јапонската владина организација за унапредување на надворешната трговија (ЈЕТРО).

Според Николоски, земјата бележи континуиран раст на бруто домашниот производ, позитивно движење во индустриското производство и раст во градежништвото во 11 последователни квартали. Неговите очекувања се дека ќе заврши годината со економски раст од 3,8 %, додека инфлацијата се движи околу 3 %. Како значајна предност за инвеститорите ги посочи даночните стапки од 10 % за персоналниот данок на доход и данокот на добивка, при што реинвестираната добивка не се оданочува. Дополнително, ги нагласи обучената работна сила и примената на дуалното образование.

Николоски ги истакна и можностите за извоз преку договорите за слободна трговија со Европската Унија, ЦЕФТА и ЕФТА, како и стратешкото партнерство со повеќе земји. На средбата беше изразено очекување за продлабочување на економските односи меѓу Македонија и Јапонија, зголемување на трговската размена и привлекување нови јапонски инвестиции во земјава. ЈЕТРО е организација што ги поттикнува меѓународната трговија, инвестициите и деловната соработка.

ИЗДВОЕНИ