Градските власти во моментов работат на подготовка на трасата за поставување на полначите, и тоа во Автокоманда, каде што треба да се обезбедат повисоко напојување и поголем електроенергетски капацитет за системот за полнење, потоа кај Железничката станица и во Ѓорче Петров. Набавката на 150 автобуси не е само за Скопје туку и за другите градови во државава каде што има организиран градски превоз. За главниот град се предвидени 100 автобуси, од кои првите 30, според Ѓорѓиевски, треба да пристигнат до Нова година
Град Скопје почна да ја подготвува инфраструктурата за 100. нови електрични автобуси што треба да пристигнат во главниот град.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во телевизиско гостување најави дека во моментов се работи на подготовка на трасата за поставување на полначите, и тоа во Автокоманда, каде како треба да се обезбедат повисоко напојување и поголем електроенергетски капацитет за системот за полнење, потоа кај Железничката станица и во Ѓорче Петров. Воедно, истакна дека ќе треба да интервенира и ЕВН.
– Ова го правиме за кога ќе стигне првиот автобус, да бидеме подготвени за да нема никаков застој – истакна Ѓорѓиевски.
Тој вели дека подготовките се одвиваат паралелно со производството и роковите за испорака, со цел автобусите да можат да излезат на улиците веднаш по пристигнувањето.
Според првиот човек на Градот, подготовката треба да заврши додека трае производството.
Набавката на 150 автобуси не е само за Скопје туку и за другите градови во Македонија каде што има организирано јавен градски превоз. За главниот град се предвидени 100 автобуси, од кои првите 30, според Ѓорѓиевски, треба да пристигнат до Нова година. Освен 150 автобуси, ќе бидат набавени и 75 станици за полнење.
Инаку, првиот тендер за набавка на 150 електрични автобуси беше поништен во мај, по решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки, по што Министерството распиша нов повик.
На повторената постапка, најниска понуда во јули доставија унгарската „Икарус електрик“ и ЕВН. Вредноста на понудата изнесува околу 3,12 милијарди денари без ДДВ. На повикот имало четири понудувачи, а условите за електронската аукција ги исполниле две понуди.
Според условите за набавка, испораката на сите 150 автобуси не треба да се случи одеднаш. Предвидени се 30 автобуси во рок од шест месеци, уште 60 во рок од 12 месеци и последните 60 во рок од 18 месеци.
Новите автобуси се дел од пошироката промена на јавниот транспорт што ја поврзува Градот и со БРТ-системот и со градскиот воз.
Ѓорѓиевски прецизираше дека БРТ ќе биде поврзан со градскиот воз кај Железничката станица.
– Ќе има пристапни позиции, автобуски постојки каде што ќе може да се симнат граѓаните и да чекаат градски воз и обратно – објасни Ѓорѓиевски.
Завршена првата фаза од подземната сообраќајница
Воедно, Ѓорѓиевски објави и дека е завршена првата фаза на подземната сообраќајница од Кисела Вода, останува да се довршат осветлувањето и заштитата од пожари. Според Ѓорѓиевски, рокот за изведба е до крајот на наредната година, а потоа ќе следува кружниот тек кај „Нова Македонија“.
– До крајот на 2028 година или на почетокот од 2029 година, целосно ќе биде функционална оваа сообраќајница – нагласи скопскиот градоначалник.
Распишан тендер за катните гаражи во Клинички
Градскиот татко најави и дека е распишан тендер за двете катни монтажни паркинзи во кругот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
– До средината на октомври треба да заврши тендерската постапка, по што, ако оди сè како што треба, веднаш ќе почне монтирањето на катните гаражи – наведе Ѓорѓиевски.
(А. П.)












