Одбојкарите на Штип УГД го одбранија трофејот во Купот на Македонија, откако во финалето го совладаа Борец со 3-1 во сетови (25:17, 22:25, 32:30, 25:13).
Штипскиот состав покажа поголема константност и предводен од најкорисниот играч Стојан Илиев, како и одлично расположените Задмард, Јуниор, Арсов, Мирасчиев, Стојанов дојдоа до „хет-трик“ во куп-натпреварувањето (трет трофеј во низа).
Кусо беше неизвесно на стартот од мечот, 2:2, за потоа бранителот на титулата да наметне свое темпо и да направи комотна предност 14:9, односно 17:10. Се обиде Петре Жабев на двапати да ги консолидира своите редови, но не успеја во тоа. Користејќи ја втората сет-топка, со 25:17, Штип УГД поведе со 1:0.

Егал стартуваше и вториот сет 4:4, но следуваше серија од 0-6 за Борец, која му донесе предност од 4:10. Се разиграа Оливеира, Бастос, Ивковиќ и Димовски, па предноста на велешани растеше (12:20). Во финишот на сетот Штип УГД полека почна да се враќа и со поангажирана игра и во поле и на мрежа се доближи на 19:24, но Борец со 22:25 го затвори сетот за изедначување 1:1.
Маратонски трет сет одиграа ривалите. Сет кој беше игра на нерви и на моментална инспирација. Штип УГД поведе со 3:1, но Борец веднаш се врати и се играше изедначено, најчесто поен за поен, а на 6:8 велешкиот тим за првпат имаше плус два. Таквата предност ја зголемија, 11:14, односно 15:18. „Бркаше“ резултат бранителот на пехарот се до 22:22 кога Илиев донесе изедначување. Следуваше долга серија на убави поени, надмудрување и вистинско мерење на силата на противниците, а „рулетот“ му припадна на Штип УГД со 32:30.
Штип УГД уште посилно влезе во продолжението, поведе со 6:2, односно 10:4 и според агресивноста која ја покажа на теренот даде до знаење дека нема да му дозволи на Борец да се врати во игра. Во средината на сетот веќе беше 15:7, т.е. 19:9, па тренерот Жабев направи комплетна промена на поставата и им дозволи и на помладите одбојкари во неговиот состав да го почувствуваат финалето. Истата пракса ја примени и предводникот на Штип УГД, Кристиан Ристески, а дуелот заврши со 25:13 и победа од 3:1 во сетови за штипскиот клуб.
Куп-пехарот трета година во низа останува во Штип, а сега следува битката за шампионската титула во првенството, за која одново овие два клуба се главни кандидати.
Кај дамите, пак, дебитантот Вардар ЕМ е освојувач на 33. издание од Купот на ОФМ 2026, откако во финалето со 3-0 (25:22, 25:12, 25:22) го победи бранителот на титулата Наковски Волеј.

Каква куп-бајка, апсолутна сензација беа „црвено-црните“ девојки, не само во финалето, туку и низ целото куп-натпреварување годинава и стигнаа до историски клупски пехар. Тимот на Јован Шапе покажа константност која стартуваше во осминафиналето по победата над Фит Фан Волеј, потоа елиминираа фаворит, Работнички Скопје, а потоа во полуфиналето ги „исфрлија“ и Газели Волеј. Ниту бранителот и еден од најсериозните кандидати за шампионската титула Наковски Волеј не успеја да им застане на патот.
Капитенот на Вардар ЕМ Ана Јаничиќ беше прогласена и за најкорисен играч на Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција.











