Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, се сретнал со стопанствениците од индустриската зона „Визбегово“.
На стопанствениците им бил презентиран проектот за изградба на транзитната магистрална улица „Хасан Приштина“, која претставува клучна сообраќајна врска кон Блаце и Косово.

Со околу 3,5 километри и четири сообраќајни ленти, оваа транзитна магистрала значително ќе го олесни сообраќајот и ќе создаде многу подобри услови за бизнисите кои работат и инвестираат во оваа зона. Истовремено, Скопје ќе добие побрза и пофункционална врска кон Блаце и Косово.
– На средбата ги слушнавме нивните мислења и предлози, кои се особено важни, за сообраќајните потреби во овој дел од Скопје. Разговаравме и за очекуваните придобивки од проектот, меѓу кои подобра поврзаност, растоварување на постојната улична мрежа, поголема безбедност и поефикасен превоз на луѓе и стоки – истакна Ѓорѓиевски.
Притоа додаде дека по завршувањето на процесот на експропријација, ќе се пристапи кон реализација на проектот.
(А. П.)












