Доколку Владата не ги повлече измените со кои се укинува пржинската влада, СДСМ ќе ја напушти меѓупартиската работна група која ги договара промените во Изборниот законик. Ваков ултиматум, денеска, постави лидерот Венко Филипче, откако во собранието почна процедура за донесување на законските промени со кои по први следни парламентарни избори веќе нема да се применува моделот на техничката влада.
– На овој начин, што е целосно автократски манир на владеење, оваа влада не треба и не може да се укине. Таа е единствен гарант за спроведување на фер и демократски избори. Ова е еднакво на манирот на владеењето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година. Доколку овој закон помине на комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за Изборниот законик. Овој закон за укинување на пржинската влада мора власта да го повлече. Вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме – се закани Филипче.
Тој посочи дека како партија мора да укажат и граѓаните да знаат со каква власт имаат работа и зошто, како што нагласи, се бега од контрола и механизам што гарантираат фер и слободни избори.
На ваквата најава денеска одговори владината портпаролка, Марија Митева, според која, раководството на СДСМ презело „политички незрел потег“. Според Митева, најавите на СДСМ се обид за криење на реалноста и нема да го сопрат политичкиот пад на опозициската партија.
– Ваквиот обид на Филипче и на СДСМ нема да ја скрие реалноста дека тие се соочуваат со нивниот политички крај, а владејачката партија што ја предводи Владата, ВМРО-ДПМНЕ, е онаа што ја гради иднината на државата. Навистина не можам да разберам како од една страна имаме изјави во кои се вели дека имаат пораст на гласовите, тоа го кажува токму Венко вчера, а денеска вели дека е против укинување на техничката влада, за која во минатото беа согласни дека треба да се укине – рече Митева одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
Собранието на седницата во средата ја утврди потребата од донесување на измените на Законот за Владата по скратена постапка, со што се отвора патот за укинување на моделот на преодна, односно техничка влада. Со Пржинскиот договор од 2015 година се предвидува сто дена пред парламентарните избори да се воспостави техничка влада, која треба да обезбеди фер и демократски избори. (Б. Ѓ.)












