вторник, јуни 30, 2026
Дома БАЛКАН Грците плаќаат за лов на морско чудовиште! Има заби што кинат мрежи...

Грците плаќаат за лов на морско чудовиште! Има заби што кинат мрежи и отров што убива

623

Грција од понеделник ја започна првата европска програма за финансиски стимулации за риболов на инвазивната сребрена риба, позната и како риба зајак (Lagocephalus sceleratus), вид кој претставува сериозна закана за морските екосистеми, рибарството и здравјето на луѓето.

Програмата првично ќе се спроведува во регионите на Крит и Јужен Егеј, а е финансирана од европски средства. Рибарите ќе бидат платени 5,33 евра за секој килограм од оваа уловена риба, додека целиот проект има буџет од 1,5 милиони евра.

Генералниот секретар на грчкото Министерство за земјоделство, Спирос Протопсалтис, изјави дека регионите што први ќе аплицираат ќе можат најбрзо да започнат со спроведување на програмата.

По уловот, локалните власти ќе бидат одговорни за организирање на складирањето на рибата во ладилни услови, како и за нејзино согорување во специјализирани објекти.

Сличен систем веќе е воведен на Кипар, каде што рибарите добиваат 4,73 евра за секој килограм уловена риба зајак.

Рибата зајак е со потекло од Црвеното Море и Индискиот и Тихиот Океан, а влегла во Средоземното Море преку Суецкиот Канал. Експертите го припишуваат нејзиното ширење во грчките води на затоплувањето на морињата и климатските промени, кои им овозможуваат на инвазивните видови да навлезат во нови живеалишта.

Покрај уништувањето на рибарските мрежи со своите исклучително силни заби и предизвикувањето голема економска штета, овој вид претставува и сериозен здравствен ризик. Неговото месо содржи тетродотоксин, еден од најопасните природни токсини, кој може да биде фатален ако се проголта.

Мерката е дел од националниот акционен план изготвен во 2024 година од страна на Хеленскиот центар за морски истражувања (ЕЛКЕТЕ). Покрај финансиските стимулации за риболов, планот предвидува и следење на ширењето на видот, како и надомест за рибарите за оштетување на нивните мрежи.

Претставниците на надлежните министерства ќе разговараат за понатамошните чекори во спроведувањето на планот на состанок закажан за 1 јули.

Во меѓувреме, Грчкиот Црвен крст издаде препораки за тоа што да се прави во случај на каснување од рибата и ги предупреди граѓаните за опасноста од нејзиното отровно месо.

Сепак, властите и туристичкиот сектор на Крит ја повикаа јавноста да не шири паника. Во заедничка изјава од 16 медицински и туристички здруженија се вели дека присуството на рибата зајак во Средоземното Море е познато со години и дека таа не претставува опасност за пливачите.

Жена на грчка плажа доживеала трауматско искуство со рибата зајак: „Почувствував ужасна болка, не ме пушташе“

ИЗДВОЕНИ