Вработените во психијатриската болница „Демир Хисар“, каде што се сместени околу десетина осуденици со наредба на судовите, бараат од надлежните да се изгради посебна судска болница во рамките на затворите за да се одвојат од пациентите на кои вистински им е потребна грижа.
„Проблемот ќе постои, ние редовно бараме од судовите и болниците да се преиспита состојбата на осудениците кои се сместуваат кај нас“, вели за весникот ВЕЧЕР директорката на болницата, Сузана Џамбазовска.
Случајот со осудените за кои постои сомневање дека со врски добиле дијагноза оти треба да се лекуваат во психијатриските болници место да лежат во затвор, минатата недела го откри Народниот правобранител во посебниот извештај за затворите. Од болницата велат дека тие не можат да ги враќаат овие луѓе бидејќи се носат со наредба на судовите. Иако се сместени во посебно одделение, овие лица често им прават проблеми на пациентите и на вработените. Порано биле сместувани во засебно судско одделение, но откако пациент ја запалил зградата, денеска од вистинските пациенти ги одвојува влезна врата. Најголем број од осудениците се за тешки кривични дела, во соба се по двајца или по тројца.
„Вработените се изморени, секојдневно се соочуваат со страв од овие лица, овде имаме пациенти на кои вистински им треба психијатриска грижа. Во нашата болница немаме затворска полиција, па често знаат и да побегнат“, вели директорката за нашата редакција.
Во извештајот, Правобранителот смета дека има сериозно сомневање оти голем дел од осудениците сместени во „Демир Хисар“ имаат лажна психијатриска дијагноза направена преку судско вештачење кога им се судело, па од пресметливи станале непресметливи и завршиле во болницата.
„Лица со криминално искуство, антисоцијални однесувања и без вистински психопатолошки инхибиции претставуваат ризик-фактор за насилство, заплашување и манипулација на севкупно присутните лица во установата. Медицинските техничари, психијатрите и другите здравствени работници кои се обучени за терапевтска работа, а не за управување со лица со изразен криминален профил, се изложени на зголемен професионален и личен ризик, манифестиран и преку непосредни и посредни закани“, констатирал правобранителот.
Но, тука се поставува прашањето: како осуденици за тежок криминал, „со помош на вешти лица“ преку изигрување на системот и манипулација, успеваат да издејствуваат „поволно“ психијатриско вештачење со кое од судот место решетки добиваат лекување?
„Наместо санкцијата да биде резултат на објективно утврдување на вината и одговорноста, таа станува производ на влијание врз експертската процена“, предупредуваат откај омбудсманот.
За ова прашање, исто како и Народниот правобранител, весникот ВЕЧЕР побара став од Комората за вештачење. Оттаму ни одговорија дека досега немале добиено претставка за сомнително судско-психијатриско вештачење, но нагласуваат дека секој вештак е должен да постапува независно, непристрасно, законски и етички.
„Вештакот не изрекува мерки на безбедност, туку дава стручно мислење за психичката состојба и за потребата од лекување, а Судот, врз основа на вкупната доказна состојба, одлучува дали ќе ја прифати експертизата или не и дали ќе изрече мерка задолжително лекување. Значи, вештиот наод се користи како доказ, а не одлука, затоа што Судот е тој што ја носи конечната одлука за мерката, согласно со Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Судот може да го прифати или да не го прифати вештачењето – доколку е нецелосно, контрадикторно, не е доволно аргументирано, спротивно на други докази, доколку постојат сомневања за стручност или непристрасност, потребно е дополнително појаснување“, велат од Комората за ВЕЧЕР.
Согласно со правилникот на болницата „Демир Хисар“, осудениците се примаат врз основа на судска одлука и имаат право на здравствен третман под услови еднакви со останатите пациенти. Истовремено, поради природата на мерката што ја извршуваат, се применуваат и посебни безбедносни правила поврзани со движењето, посетите и напуштањето на установата.
Неодамна, во психијатриската болница во Бардовци се случи убиство по тепачка меѓу двајца осуденици сместени во судското одделение. Вработените од болницата пријавувале дека имаат проблеми со насилникот кој објавувал и видеа дека тепа затвореници, но и покрај тоа, тој слободно шетал низ градот. Министерот Азир Алиу тогаш вети дека ќе ги зајакне психијатриските болници со кадар, иако проблемот откај омбудсманот го гледаат и во судско-психијатриските вештачења. (П. А.)











