петок, ноември 27, 2026
Дома СКОПСКА Град Скопје избира најубаво украсени двор, тераса од стан, деловен објект и...

Град Скопје избира најубаво украсени двор, тераса од стан, деловен објект и најубав расказ од средношколците

1

Во пресрет на претстојните новогодишни празници, Градот Скопје ги повикува граѓаните да се вклучат во манифестацијата „Украсуваме по скопски 2027“ и да ги украсат своите домови во духот на новогодишната магија.

Манифестацијата и оваа година има натпреварувачки карактер, односно Град Скопје и годинава ќе ги избере и ќе ги награди најдобрите во следните категории: најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа, најубаво новогодишно украсена тераса од стан, најубаво новогодишно украсен деловен/угостителски објект и најубав расказ од средношколците на тема: „Новогодишни желби и празнувања“.

Јавниот повик „Украсуваме по скопски“ почнува на 1 декември 2026 година и ќе трае заклучно со 21 декември 2026 година.

– Сите заинтересирани кои сакаат да учествуваат во овој јавен повик, потребно е да испратат фотографии од украсените домови, дворови или деловни/угостителски објекти, заедно со податоците за сопственикот (контакт телефон и адреса) на [email protected], или по пошта, на адресата „булевар Илинден“ број 82, 1000 Скопје, со назнака – За манифестацијата „Украсуваме по скопски“. На истата електронска адреса или по пошта треба да се испратат и литературните творби од средношколците – соопштија од Град Скопје.

За сите дополнителни информации, заинтересираните може да се обратат на телефонскиот број 02/3297 265, секој работен ден од 9 до 16 часот.

Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија составена од претставници на медиумите, кои ќе ги оценуваат и пристигнатите писмени творби на средношколците.

Град Скопје ќе обезбеди и ќе им додели пригодни награди за најуспешните учесници во сите категории.

– Ве покануваме заедно да придонесеме за поубав и посветол празничен изглед на Скопје и да ја донесеме новогодишната магија во секој дом! – повикуваат градските власти.

 

ИЗДВОЕНИ