петок, ноември 27, 2026
Дома СКОПСКА 50 КРИТИЧНИ КРСТОСНИЦИ ЌЕ СЕ МЕНУВААТ ВО СКОПЈЕ: Ѓорѓиевски најави амбициозна цел...

50 КРИТИЧНИ КРСТОСНИЦИ ЌЕ СЕ МЕНУВААТ ВО СКОПЈЕ: Ѓорѓиевски најави амбициозна цел до 2030 година!

0

Град Скопје најавува серија мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, меѓу кои редизајн на 50 критични крстосници и улици, подобрување на осветлувањето и сообраќајната сигнализација, како и изградба на поврзана мрежа на пешачки и велосипедски патеки.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, на втората Национална конференција за безбедност на патиштата, истакна дека амбицијата на градските власти е до 2030 година Скопје да стане град без сообраќајни несреќи со смртни последици.

Тој посочи дека намалувањето на бројот на загинати и тешко повредени лица во сообраќајот за најмалку 50 проценти до 2030 година е заедничка обврска, но нагласи дека Скопје си поставува уште поамбициозна цел.

Меѓу приоритетните инфраструктурни проекти ги наведе булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и клучката „Момин Поток“, кои, според него, треба да придонесат за побезбедно одвивање на сообраќајот.

Ѓорѓиевски изрази поддршка и за проектот „Безбеден град“ (Safe City), кој го спроведува Министерството за внатрешни работи. Според него, автоматското евидентирање на сообраќајните прекршоци може да придонесе за поголема дисциплина кај возачите.

Воедно, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата, да не користат мобилни телефони додека возат и да ја намалуваат брзината пред пешачките премини.

„Ниту едно брзање не вреди повеќе од човечки живот“, порача Ѓорѓиевски.

ИЗДВОЕНИ