Внатрешната контрола на ЈСП Скопје синоќа открила вработени кои, според наводите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, краделе значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров.
По откривањето на случајот веднаш била повикана полицијата, а Ѓорѓиевски најави дека инволвираните вработени ќе бидат отстранети од работните места.
Градоначалникот очекува и Јавното обвинителство да отвори постапка за случајот, со цел да се утврди одговорноста на лицата вмешани во наводната кражба.
Засега не се соопштува колку вработени биле затекнати, ниту колкаво количество гориво било предмет на кражбата.
„Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома“, порача Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Тој случајот го оцени како уште еден пример за долгогодишното системско уништување на градот, нагласувајќи дека секој за кого ќе се утврди одговорност ќе биде санкциониран.












