Град Скопје, конечно, ги доби специјализираните возила за ЈП „Комунална хигиена“. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека тие веќе му се предадени на Градот и оти во наредните денови, по завршувањето на правните процедури, ќе излезат на терен.
– До крајот на неделава, пристигнува и првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери – најголемата набавка досега. Чистиот град значи здравје, достоинство и подобар живот за сите. Затоа секој од нас има одговорност да го чува. Нашата работа нека биде поттик за поголема грижа, а секоја чиста улица – обврска таква и да остане – изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека Скопје предолго губело поради неодговорноста и неажурноста на претходниците и како што нагласи, со работа и со конкретни дела ѝ се става крај на таа запуштеност.
– Со силна волја, макотрпна работа и со заедничка одговорност, Скопје повторно ќе биде горд град – заклучи скопскиот градоначалник.
На презентацијата на комуналните возила, меѓу кои 19 мултифункционални камиони, девет цистерни за миење улици, како и 21 мултифункционално возило, која беше на 3 септември, Ѓорѓиевски истакна дека од вкупно 49, Скопје ќе добие повеќе од 27 возила, а другите возила ќе им бидат распределени на градовите: Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес.












