понеделник, август 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гостиварец ја натепал и ја ограбил сопствената мајка, се тепале и татковци,...

Гостиварец ја натепал и ја ограбил сопствената мајка, се тепале и татковци, сопруги, зет…

1

ПОВЕЌЕ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО НИЗ ЗЕМЈАВА 

Семејните расправии во неколку случаи прераснале во физички напади и закани, а дел од нив завршиле и со полициски интервенции. Од син кој ја нападнал и ја ограбил сопствената мајка, до напади врз родители, сопруги и партнери – полицискиот билтен бележи повеќе случаи на семејно насилство и конфликти низ земјава.

Кривична пријава заработил 34-годишен гостиварец, кој физички ја нападнал мајка си и ѝ ги одзел клучевите од возилото.

– Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Гостивар поднесе кривична пријава против Х. С. (34) од Гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 31.07.2026, во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал својата мајка, по што од нејзината чанта одзел пари и клучеви од возило, велат од полицијата.

Во друг случај, син го нападнал сопствениот татко.

– Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Гостивар поднесе кривична пријава против Ј. А. (52) од Гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 02.08.2026, во семејниот дом, пријавениот физички го нападнал неговиот татко, стои во полицискиот билтен.

Во Кичево, пак, полицијата лишила од слобода 27-годишен маж, кој се сомничи дека физички го нападнал својот зет за сестра и му се заканувал со остар предмет.

– На 16.08.2026 околу 16:50 часот во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода Р. М. (27) од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал својот 27-годишен зет за сестра од Кичево и му се заканувал со остар предмет. Остриот предмет бил пронајден, а тој бил задржан во полициска станица, велат од МВР.

Шеесет и петгодишен струмичанец, пак, ја нападнал својата сопруга.

– На 16.08.2026, во 20:40 часот, во струмичко село, полициски службеници од СВР Струмица лишија од слобода 65-годишен жител на селото. Според пријавеното, денеска тој во семејниот дом агресивно се однесувал кон својата 64-годишна сопруга и физички ја нападнал. Тој бил задржан во Полициската станица Струмица, а за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, стои во билтенот.

Педесет и двегодишна жена од Гостивар пријавила дека нејзиниот син, со кого не живеат во исто домаќинство, во текот на денот, телефонски ѝ упатувал закани, а претходно неколкупати физички ја напаѓал. Во друг случај, на подрачјето на Чаир, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Д. П. (36) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал својата 41-годишна партнерка.

По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни пријави.

 

 

ИЗДВОЕНИ