За проблемот со родово базираното насилство и одговорноста на општеството се огласи и постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија.
– Секоја жена или девојче што ќе пријави и потоа нема да добие заштита, станува причина следната жена да молчи. Секое пријавено насилство што завршува со погреб им испраќа порака на илјадници други дека пријавувањето е бесмислено или, уште полошо, опасно – пишува Колумбија и предлага четири работи што треба веднаш да се променат.
Прво, секоја пријава за насилство од сегашен или од поранешен партнер треба да биде проследена со стандардизирана процена на ризикот во рок од 24 часа, итна наредба за заштита кога е висок ризикот, проверка за пристап до оружје и назначување службено лице одговорно за случајот, сè до неговото затворање. Кога е жртвата дете, центарот за социјална работа и училиштето треба да бидат известени истиот ден за да активираат итна негова заштита.
Второ, на преживеаните им е потребен и пат назад, кон нормалниот живот: домување, приходи и сигурност дека нема да се повтори насилството. Ништо од ова не е ново. Станува збор за политичка волја, буџетски средства и за донесување одлуки.
Трето, училиштата мора да бидат способни да ги препознаваат предупредувачките знаци, вклучително и долготрајното отсуство, повлекувањето од образовниот процес или изложеноста на насилство, и навремено да ги активираат поддршката и упатувањето кон надлежните служби.
И четврто, во Македонија сè уште нема интегриран регистар на преживеаните од родово базирано насилство, поради што ниту една институција нема целосен увид во еден случај. Постојаниот механизам за ревизија на фемицидите, кој би поднесувал годишни извештаи до Собранието, би ја претворил секоја смрт во лекција што системот е должен да ја научи и да ја примени.
Девојчето од Богданци заслужува да биде првиот случај што ќе се разгледува во рамките на таков механизам. Никогаш не смееме да ги заборавиме Билјана и сите оние што, како општество, не успеавме да ги заштитиме пред неа. Не смееме да ги заборавиме Танкица, Ајнет, Ивана, Росица, Рамајана, Емилија…












