Срамните и недостоинствени сцени во кои разголени капачи во танга ја користат црквата „Свети Никола“ за скокање во Мавровското Езеро само се последица на нерасчистените дилеми што да се прави со овој некогаш значаен духовен храм. Оттаму, невкусните сцени забележени во изминатиов викенд, кога се качуваа повеќемина капачи на црковната камбанарија и ја користеа како скокалница, може и натаму да се повторуваат сè додека не се реши дали ќе се обнови и заштити црквата од потопувањето предизвикано со варирањето на водостојот на Мавровското Езеро или ќе остане незаштитена како што е сега. Познато е, вредниот духовен храм, значаен за целиот Мавровски Регион, изграден е во 1856 година, а беше потопен и оставен на распаѓање во 1953 година, поради изградбата на мавровската хидроцентрала и на големото вештачко езеро. Но, најголемиот дел од населението во мавровскиот крај и натаму е емотивно врзан за оваа црква, чија конструкција, одвреме- навреме и зависно од водостојот на езерото, се појавува на површина, враќајќи им ги спомените на жителите. Во близина на овој храм е подигната нова црква, но длабоките врски на населението со стариот храм во кој се крштавале, венчавале и погребувале генерации и генерации Мавровци и натаму опстојуваат. Оттаму и постојаните заложби и иницијативи за обнова на целата црква и нејзино враќање во целосна верска функција. Заложбите предвидуваат и нејзина заштита од потопување, поради повременото кревање на водостојот на Мавровското Езеро, со што би се добила дополнителна атракција во овој атрактивен туристички регион. Но, досегашните иницијативи, кои речиси исклучиво ги водело локалното население, придонеле само делумно да се подобри состојбата во која се наоѓа разрушениот храм, но за целосна обнова, потребно е вклучување на пошироката заедница.
Од бројни причини, повеќе од една година не функционира ниту досегашното Здружение за обнова и одржување на потопената црква „Свети Никола“, кое цели три години работеше на обнова на црквата.
– Крајно непријатна и неприфатлива е ситуацијата да се качуваат туристи во костими за капење на црковната камбанарија и да ја користат црквата како место за скокање и пливање. Тоа е недостојно и навредливо за сите нас од овој регион, кои сме мошне врзани за овој храм. Нашата желба целосно да го обновиме храмот нè носеше да преземеме повеќе активности додека постоевме како Здружение. Изнесовме дури 350 кубни метри камен од внатрешноста на црквата, го расчистиме централниот дел, ставивме врати, на покривот ставивме нови ќерамиди, на врвот од камбанаријата поставивме нов крст и камбана, го расчистивме олтарот, надвор подигнавме столбови за да се огради местото… Сè благодарение на прилозите на месното население и на дел од фирмите, со цел да си го повратиме светилиштето. Но, Здружението веќе дојде во ситуација да не може да продолжи да делува – вели Васил Степанов, кој со години беше истакнат активист на Здружението.
Според него, сè додека државата или некои други фактори не заземат јасен став што да се прави со оваа црква, ќе бидеме сведоци на нејзино повремено поплавување поради водостојот на Мавровското Езеро.
– Сè додека целосно не се заштити црквата, ќе бидеме сведоци на нејзино распаѓање и покрај подобрувањата што сме ги направиле. Ние имавме и цел проект од преку дваесетина точки во кои предвидовме сè – од обнова, па до заштита од влијанието на езерото. Но, ако не се реши тоа, повторно ќе ни се случуваат вакви ситуации – потенцира Степанов.
Во следната фаза, како најприоритетно се наметнува зацврстувањето на ѕидовите со бетон, отпорен на влијанието на водата, изработка на комплетниот покрив, како и на соодветен пристап до црквата. Во изминативе години, имало понудени проекти за заштита на храмот од влијанието на водата – со камен или со стаклен ѕид. Овој храм се вбројува меѓу поубавите цркви во крајот, бидејќи тогашниот дрвен иконостас и иконите, кои се зачувани, ги изработил познатиот мијачки зограф, Дичо Зограф, од мијачкото село Тресонче. Во 2013 година, реномираниот портал „Хафингтон пост“ од САД ја вброи оваа црква меѓу најубавите напуштени цркви на светот, меѓу оние од САД, Белгија, Камбоџа, Франција и од Ирска. (Б. Ѓ.)












