петок, ноември 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПЕТНАЕСЕТГОДИШНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИСТОРИЧАРОТ НИКОЛА МИНОВ ЈА ОТКРИВА ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ДОСЕГА...

ПЕТНАЕСЕТГОДИШНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИСТОРИЧАРОТ НИКОЛА МИНОВ ЈА ОТКРИВА ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ДОСЕГА НЕПОЗНАТАТА ЛИЧНОСТ: Крушевчанецот Никола Владика е првиот Македонец кој се искачил на Ајфеловата кула во 1889 година, какви контроверзии симна оттаму?

Само два месеца по отворањето на спектакуларната градба во Париз, весниците од Австрија и Романија објавиле дека тој, преку надворешната страна, стигнал до самиот врв на кулата, за што добил и златен медал. Историчарот Минов наведува дека неговите истражувања покажале дека Владика бил на врвот, но до него стигнал по скалите или со лифтовите, при што горе зел сувенир за посетителите како потврда која потоа ја претставувал како признание за потфатот. „Тој бил премногу талентиран за да биде обичен измамник и премногу сомнителен за да биде чист херој“, наведува Никола Мемов

0

„Секретарот Владика, како последица на едно големо обложување, се искачил однадвор по Ајфеловата кула во Париз сè до врвот, за што комисијата на изложбата му доделила златен медал…“, е веста која на 18 јули 1889 година ја објавил австрискиот виенски весник „Ди пресе“ и која е значајна за македонската историја. Важна е затоа што тоа е првото отпечатено сведоштво за тоа дека еден човек од Македонија се искачил на оваа спектакуларна градба само два месеца откако беше отворена за посетителите на еден од тогашните најголеми глобални настани – Светската изложба што тогаш се одржа во француската престолнина Париз. Во истата вест било наведено и тоа дека секретарот Владика, всушност, бил придружба на Зекирија-паша, валија на Монастир, односно, Битола. А за нивното патување, виенскиот весник претходно пишувал и на 7 јули, објавувајќи го нивното пристигнување во Виена на патот кон Париз.

Но, не објавил само весникот „Ди пресе“ за несекојдневниот успех на Македонецот, кој се искачил на врвот на колосалната железна градба висока цели 300 метри, од надворешната страна. Односно, на патот до врвот не ги користел ниту внатрешните скали ниту лифтовите, туку, како што е наведено во објавата, се искачувал по надворешната конструкција. Во истиот период, во печатот на македонските иселеници во Романија, во весникот „Маседониа“ со гордост објавија: „Еден наш македонски брат што се вика Н. Владика од Крушево… се искачил на Ајфеловата кула…“. Сето ова било појдовната точка од која македонскиот историчар Никола Минов, пред цели петнаесет години, тргнал во истражувањето на животниот пат на човекот Никола Владика, кој бил роден во македонскиот град Крушево, во 1847 година.

Нема потврда од Париз дека имало искачување од надворешната страна

А истражувањето покажа дека станува збор за посебна личност, чиј живот бил исполнет со бројни постигнувања, ангажмани, но и контроверзии…

– Една од основните истражувачки дилеми беше дали може да се поверува во тоа дека еден човек од Македонија ја искачил Ајфеловата кула однадвор, сè до врвот, за што му бил доделен златен медал. Мојата проверка утврди дека нема ниту еден податок од тогашните париски весници дека некој однадвор се искачил на Ајфеловата кула. Го нема ниту во книгата во која е објавено сè околу тогашните случувања околу кулата. Тоа е авантура која е екстремно опасна и невозможна без алпинистичка опрема. Прашање е и дали надлежните за градбата би му дозволиле таков потфат, а за самоволен потфат сигурно би следувала затворска казна. Исто така, никаде и не било забележано дека некоја комисија му доделила златен медал. Тоа е приказна која крушевчанецот Никола Владика им ја пренел на виенските и на другите новинари од Букурешт и од Будимпешта и кои веднаш поверувале во неа и ја објавиле, не проверувајќи ја потоа. Од она што сум го утврдил, произлегува дека Владика со сигурност се искачил на врвот на кулата, но со лифт или по скалите, и дека таму купил еден вид медал, сувенир, со кој посетителот можел да потврди дека го посетил врвот на оваа спектакуларна градба во тоа време – наведува историчарот Минев за весникот ВЕЧЕР.

Но, и покрај ова, во весниците во Романија, но и во романското општество – како во времето на социјализмот, така и по демократизацијата на оваа земја – Никола Владика, кој во еден период од животот живеел во таа земја, се смета за Романец. Па, така и сега, на годишнините од отворањето на Ајфеловата кула, приказната повторно се појавува во рубриките „Верувале или не…“ каде што се објавува дека „Романецот Владика се искачил на Ајфеловата кула и со тоа ѝ го донел првиот златен медал на романската гимнастика“, дека „Романецот Владика – првиот што се искачил на Ајфеловата кула“ …

Историчарот Минев овој свој истражувачки труд го претставил на завчерашната конференција на македонските историчари со која, покрај другото, се одбележуваше осумдеценискиот јубилеј на Институтот за историја при скопскиот Филозофски факултет. Вниманието што трудот го привлекол не беше само заради откривањето на фактот за македонско присуство на новоотворената Ајфелова кула туку и поради самиот животен пат на овој крушевчанец.

– Во Романија, но и во други земји како Унгарија, Србија, Италија, тој се афирмира како автор на псилографијата, односно, на ситнописот со кој преку посебна техника, со употреба на мала игла, се пишуваат сосема мали букви со големина дури и од 32-ри дел на милиметарот. Никола прави бројни портрети на познати личности за кои тврди дека се направени со ситни букви и бројки кои може да се видат само со лупа или друго оптичко помагало. Прави портрет на францускиот писател Викор Иго, за кој тврди дека е составен од 500.000 зборови и повеќе од 2, 5 милион букви, кој целосно ги содржи сите пет дела на романот „Клетници“. Две графики од овој портрет уште се чуваат во Париз, а оригиналот не се знае каде е. Во долниот десен агол е наведено дека тогашниот француски министер за трговија и индустрија, Едуар Локроа, во името на внуците на Виктор Иго, го овластил авторот „N. Vladica (Macedonien)“ да го пушти во продажба овој псилографски цртеж – наведува историчарот Минов.

Крушевчанецот направил такви портрети и на италијанскиот деец Ѓузепе Гарибалди, на истакнатите српски личности Вука Караџиќ, Милош Обреновиќ, а имал и повеќе изложби на такви дела. Истовремено, тој во Македонија се бори против доминацијата на грчкиот јазик во наставата, иницира формирање на училишта на мајчин јазик, контактира со дијаспора за вложување во образование, собира народно творештво, се борел против злоупотребите на локалните моќници во Битола и редовно потпишувал петиции против нив. Никола Владика издејствувал султански ферман за отворање печатница со латински букви, а добил и султанско одобрение во 1889 година да во Битола отвори и фабрика за сапун, која тогаш беше меѓу првите две или три фабрики на територијата на денешна Република Македонија. Но, како што наведува историчарот Минов, го следат и контроверзии.

– Тој ја претставува псилографијата како нова техника, а всушност, се работи за микрографија која постоела уште пред илјада години. На графиката на Виктор Иго, меѓутоа, може да се најдат само четири места на кои може да се забележи ситнописот на Владика, за кој очигледно бил талентиран, но не и на остатокот на целата графика. Така е, мислам, и со другите дела, луѓето ја сфаќале измамата, а Никола морал да ги менува местата на живеење. Во народните песни кои наводно ги собира и ги праќа во Германија има и зборови како „астрономија“ „Млечен Пат“, што укажува на тоа дека тие не биле народни туку дека тој самиот ги пишувал, печатницата никогаш не проработела. Се појавуваат и вести дека во Романија има налог за негово апсење поради кражба, во Битола се објавува книга во која се наведува дека тој е „компромитирана индивидуа“, дека е „без углед и скитник кој пласира лаги“. Но, истражувањата покажуваат дека таквите обвиненија ги пласираат неговите непријатели. Значи, сомнежите дали тој бил измамник или своевиден херој остануваат – објаснува Никола Минов.

Денес, веројатно, би бил инфлуенсер

Интересно е и она што е утврдено за постоењето на Зекерија-паша, за кого тогашните весници наведуваа дека е битолски валија. Но, проверката покажала дека таков битолски паша немало, меѓутоа, всушност, постоел Зекерија-паша, кој бил многу богата личност и со кој Никола Владика бил поврзан.

Според Минов, Никола Владика не бил ни херој ни обичен измамник.

– Бил премногу талентиран за да биде обичен измамник и премногу сомнителен за да биде чист херој. Тој бил човек со исклучителна социјална интелигенција, кој знаел како да се претстави, да чита луѓе и да се приспособи. Претприемчив и талентиран човек кој знаел вештината да ја претвори во можност, и да го претвори својот вистински талент во легенда. Човек со извонредна социјална мобилност, кој знаел да се движи низ светови. Знаел да го користи својот талент за пристап до кралеви, министри, изложби, редакции, академии и елити. Имал и силна потреба за признание и необично развиен инстинкт за самопромоција, многу силна потреба да биде забележан. Не му е доволно нешто да направи, тоа треба да биде и видено, треба да се зборува за него. Денес веројатно би бил и инфлуенсер, присутен на социјални мрежи… – објаснува овој историчар.

Тој нагласи дека овој случај, но и многу други историски случувања и личности, бара и соодветен однос на македонската историографија.

– Од примерот на Никола Владика може да се види колку различни личности и претстави за неа може да создаде историчарот од истиот шпил карти, односно, податоци за него. Во овие 80 години, македонската историографија објаснуваше капитални теми за херои и антихерои. Меѓутоа, историјата не е шаховска табла, таа е повеќе лента и спектар во кој доминира сиво. Никола Владика, како и повеќето од нас, му припаѓа на сивото. Мислам дека нашата историографија е спремна да истражи црно и бело, но и да нурне во сиво – нагласи историчарот Мемов. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ