петок, ноември 20, 2026
Дома СВЕТ Стотици дрвја што патувале околу Месечината растат на Земјата

Стотици дрвја што патувале околу Месечината растат на Земјата

1
Фото: НАСА

Во 1971 година, астронаутот од мисијата „Аполо 14“ на НАСА, Стјуарт Руса, понел со себе 450 семиња од дрвја на пат околу Месечината, а децении подоцна, во 2022 година, мисијата „Артемис 1“ „прошетала“ 2.000 семиња околу Месечината. Денеска дрвјата израснати од нив сè уште прават сенка во парковите, на јавните плоштади и на други локации во САД и во други земји

На почетокот од 1971 година, астронаутот од мисијата „Аполо 14“ на НАСА, Стјуарт Руса, понел со себе стотици семиња од дрвја на пат околу Месечината. По враќањето на Земјата, шумари ги ‘ртеле семињата и ги насадиле младите садници во САД, по повод одбележувањето на двестегодишнината на нацијата. Денеска, половина век подоцна, дрвјата израснати од семињата што патувале во вселената, сè уште прават сенка во парковите, на јавните плоштади и на други локации.
Пред да ѝ се приклучи на НАСА, Руса работел како падобранец пожарникар во Шумската служба на САД, што ја поттикнало агенцијата да се вклучи во експериментот. Додека чекореле неговите колеги Алан Шепард и Едгар Мичел по површината на Месечината, тој кружел во командниот модул „Кити Хок“, носејќи во својот личен комплет за летот колекција од разновидни семиња: видови бор, платан, ликвидамбар, секвоја… пишува „Футура“.
За малку ќе пропаднел проектот штом се вратило вселенското летало на Земјата. Во текот на стандардните постапки за деконтаминација, садот со околу 450 семиња пукнал, а неговата содржина се расфрлала. Истражувачите стравувале дека наглата промена на притисокот ги уништила семињата. При еден ран обид за ‘ртење, многу од нив, сепак, про’ртеле, но поради несоодветните услови, малку од нив преживеале. Шумските експерти ги префрлиле преостанатите семиња во специјализираните истражувачки станици во Галфпорт, Мисисипи и во Пласервил, Калифорнија. Под стручен надзор, семињата успешно про’ртеле, давајќи стотици здрави млади фиданки. Генетичарот од агенцијата, Стен Кругман, кој раководел со проектот и ги избрал семињата, подоцна истакнал дека овој потфат претставувал спој на вистинската научна љубопитност и на привлечноста од аспект на односите со јавноста.
До средината на 1970-тите, младите дрвја биле подготвени за дистрибуција до државните шумски програми, како дел од прославата на 200-годишнината од основањето на САД. На 6 мај 1975 година, бил насаден еден платан на плоштадот „Вашингтон“ во Филаделфија, а во јануари 1977 година, насадиле еден бор во дворот на Белата куќа, по барање на тогашниот претседател, Џералд Форд. Таканаречените месечеви дрвца се насадени во вселенските центри на НАСА, во историските паркови и гробишта, во универзитетските и ботаничките градини. Претставниците на Шумската служба испратиле садници и во странство, до меѓународните партнери, меѓу кои Бразил, Швајцарија и Јапонија, како подарок за императорот Хирохито. И покрај големиот интерес на јавноста во тоа време, ниту НАСА ниту Шумската служба не создале централен регистар за следење на секоја локација.
Децении подоцна, во 1996 година, научникот од НАСА, Дејвид Вилијамс, почнал да прави официјален попис откако почнале граѓаните да испраќаат прашања за дрвјата во своите локални средини. Во текот на следните години, Вилијамс потврдил и евидентирал десетици оригинални локации во многу држави. Досега се идентификувани вкупно 110 оригинални дрвја. Многу насадени дрвја исчезнале со текот на годините, преку пренамена на земјиштето, болести или екстремни временски услови. Меѓу оние што веќе ги нема се јаворот на плоштадот „Вашингтон’ во Филаделфија и борот лоблоли во Белата куќа.
Истражувачите на Шумската служба насадиле неколку месечеви садници покрај други дрвја за да ги набљудуваат потенцијалните разлики. Децениите раст не откриле физички промени предизвикани од краткото изложување на микрогравитација и на зрачење. Примероците што патувале низ вселената растеле со брзина споредлива со нивните еквиваленти на Земјата.
Овој експеримент бил повторен децении подоцна, во 2022 година, кога понела мисијата „Артемис I“ на НАСА, на леталото „Орион“ на пат околу Месечината, 2.000 нови растителни семиња со себе. Од нив подоцна изртеле садници што биле дистрибуирани во училиштата и во јавните паркови во целата земја. Како што стои на веб-страницата на НАСА, секоја сезона до есента 2025 година биле наоѓани нови „домови“ за месечевите дрвја.

ИЗДВОЕНИ