Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и претставници од градската администрација, денеска одржаа состанок со претставници на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата), посветен на спречувањето на корупцијата и јакнењето на интегритетот и отчетот на локално ниво.
Скопскиот градоначалник ја истакнал важноста на институционалната соработка и размената на добри практики за чесно и одговорно управување со јавните средства.
– Довербата на граѓаните се заслужува со работа, со јасни постапки и со подготвеност да се даде отчет за секоја донесена одлука. Граѓаните имаат право да знаат како се планираат и каде се трошат нивните пари – истакна Ѓорѓиевски.
На состанокот се разговарало за поголема одговорност на службите и на градоначалниците, како и за активно вклучување на невладиниот сектор во подготовката на финансиските планови и буџетите.
Ѓорѓиевски нагласил дека Град Скопје посветено работи на создавање дигитални алатки како еден од најсилните механизми за спречување на корупцијата.












