Европската комисија предупредува дека остануваат нерешени проблемите со загадувањето, отпадот и заштитата на природата, а клучните законски реформи доцнат. Иако има одреден напредок во управувањето со отпадот, мониторингот на водите и санацијата на ОХИС, институциите сè уште немаат доволно кадар, финансии и капацитети за спроведување на европските стандарди. Од ЕК бараат итни инвестиции, поефикасен инспекциски надзор и доследна примена на законите за животната средина и за климатските промени
Загадени реки, депонии што горат, ниско ниво на рециклирање, недоволен мониторинг на загадувањето на воздухот, уништување на природните живеалишта и индустриски жаришта што со години чекаат санација. Ова се само дел од еколошките проблеми со кои се соочува Македонија. Дополнително, институциите немаат доволно стручен кадар и финансии, доцни донесувањето важни закони, а системот за справување со природни катастрофи има сериозни слабости.
Сликата за состојбата со животната средина ја дава Европската комисија во извештајот за напредокот на земјата, во делот за поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени. Оцената покажува дека има поместување во некои области, но во најголем дел реформите се бавни, а дел од обврските со години остануваат неисполнети. Европската комисија бара повеќе инвестиции, посилни институции и, пред сè, спроведување на законите во практика.
Еден од највидливите проблеми за граѓаните е загадениот воздух. Иако постои, мрежата за мерење на квалитетот на воздухот не ги исполнува целосно европските стандарди.
– Дел од мерните станици имаат проблеми со сигурноста на податоците, не се следат сите важни загадувачки супстанции, а лабораториските анализи се вршат ограничено и нередовно. Причина, меѓу другото, е недостигот од квалификуван персонал – велат од ЕК.
Дополнителен проблем е што не се користат доволно податоците од мерењата при урбанистичкото планирање, издавањето дозволи и контролата на загадувачите. Сепак, има и одреден напредок. Плановите за подобрување на квалитетот на воздухот во Куманово, Кавадарци, Гостивар и во Струга беа усвоени во септември 2025 година, а планот за Гевгелија во јануари 2026 година. Европската комисија препорачува проширување и модернизација на мониторингот, како и поголема употреба на измерените податоци при носењето одлуки.
Ниту управувањето со отпадот не покажува резултати какви што се очекуваат. Иако се прават напори за воспоставување регионални системи, старите и неусогласени депонии сè уште не се затворени и санирани.
– Честите пожари на овие локации предизвикуваат дополнително загадување, додека слабата координација меѓу институциите ги забавува изградбата на потребната инфраструктура и воспоставувањето функционален систем – се нотира во извештајот.
Европската комисија укажува и на слабостите на јавните комунални претпријатија, кои имаат сериозни оперативни проблеми. Националните стратегии за управување со отпад и тиња сè уште не се усвоени. И покрај тоа што постои законска рамка за циркуларна економија, рециклирањето останува на ниско ниво, поради недостиг на финансии, инфраструктура и ефикасна контрола. Од ЕК сметаат дека се потребни реформи во комуналните претпријатија, затворање на неусогласените депонии и подобар надзор врз производителите што имаат обврски за управување со отпадот.
Има одреден напредок во чистењето на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, за што Владата обезбедила дополнителни средства. Но, од Комисијата сметаат дека не го решава тоа проблемот со другите историски загадени локации, а особено загрижува загадувањето што претставува закана за главниот извор на вода за пиење на Скопје.
Состојбата со водите е меѓу најсериозните забелешки во извештајот. Податоците покажуваат дека 55 % од индустриските капацитети испуштаат отпадни води без претходен третман, а 46 % директно ги испуштаат во реките. И покрај тоа што индустриското загадување има сериозно влијание врз квалитетот на водата, рамковниот закон за води сè уште не е усвоен.
Во оваа област има одредено подобрување на мониторингот, а се подготвува и план за управување со сливот на Вардар. Напредуваат и подготовките за планови за заштита од поплави. Сепак, реформата на јавните водни претпријатија не е почната, дел од европските средства остануваат неискористени, а државата сè уште нема одржлив финансиски модел според кој загадувачите ќе ги сносат трошоците за загадувањето. Европската комисија бара усвојување на законот, инвестиции во пречистителни станици и реформи во водоснабдителниот сектор.
Проблемите се видливи и во заштитата на природата. Законот за заштита на природата сè уште не е донесен, а не е формирана ниту посебна институција што ќе се занимава со оваа област. Дополнително, не е завршено прогласувањето на Охридското Езеро, Студенчишкото Блато и кањонот Матка за заштитени подрачја, ниту повторното прогласување на Националниот парк „Маврово“. Европската комисија предупредува дека одложувањето на овие постапки ја забрзува деградацијата на биолошката разновидност.
Иако државата продолжила да ги финансира четирите национални парка, средствата за заштита на природата се недоволни и во голема мера зависат од донаторска помош. Затоа се бара постабилно финансирање, повеќе институционален кадар и подобра заштита на природните подрачја. Потребно е и поодлучно спроведување на препораките на УНЕСКО за Охридскиот Регион.
Во индустријата има еден важен законски чекор: во септември 2025 година беше донесен Законот за индустриски емисии. Но, без подзаконски акти, неговата примена останува ограничена. Дополнително, не се користат доволно податоците од мониторингот при издавањето еколошки дозволи. Во шумарството, пак, сè уште се потребни нов, усогласен закон, подобра контрола и појасна поделба на надлежностите. Нема напредок ниту во усогласувањето со европските правила за хемикалии и за бучава.
Има слабости и во системот за справување со пожари, поплави и други катастрофи. Македонија е дел од европскиот механизам за цивилна заштита, а во 2026 година стана првата земја од регионот вклучена во преодниот капацитет rescEU со два лесни авиони. Но, нивната оперативна употреба треба да се подобри. Националната стратегија за заштита и спасување не е финализирана, обуката за пожарникарите и за спасувачите се спроведува само делумно, а системот за итни комуникации сè уште не е поврзан со европскиот CECIS. Има одреден напредок во кампањите за информирање на граѓаните за постапување при земјотреси, пожари и екстремни временски услови.
На крајот, ЕК со критика дека сериозно доцни и климатската политика. Климатскиот закон, усогласен со целта на ЕУ за климатска неутралност до 2050 година, сè уште не е донесен. Тоа го забавува воспоставувањето систем за следење и контрола на емисиите, кој е неопходен за воведување цена на јаглеродот и уза согласување со европскиот систем за тргување со емисии. Како позитивен чекор се издвојува усвојувањето на ревидираниот Национален план за енергија и клима за периодот 2025–2030 година, во април 2026 година. Но, земјата и натаму доцни со усогласувањето со европските правила за стакленички гасови, емисиите од транспортот и шумарството, како и со доставувањето нова, поамбициозна национална климатска цел, во согласност со глобалните напори за ограничување на затоплувањето на 1,5 степен.
За Европската комисија, главен проблем не е само недостигот од закони туку и нивното неспроведување. Затоа се бара од државата да обезбеди доволно стручен кадар, стабилни финансии, подобра соработка меѓу институциите и посилен инспекциски надзор.
– Потребни се конкретни инвестиции во пречистителни станици, депонии, мерни системи и заштитени подрачја. Без тоа, еколошките реформи ќе останат само ветување, а загадувањето и уништувањето на природата ќе продолжат да бидат секојдневие за граѓаните – констатира Европската комисија.
(С. Бл.)












