петок, ноември 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МО И ОДГОВОРИ НА ДУИ: За да бидат примени на Воена академија,...

МО И ОДГОВОРИ НА ДУИ: За да бидат примени на Воена академија, треба и да се пријават!

1

Популистички, паушални и со етнички предзнак се обвинувањата од партијата ДУИ и водат само кон меѓуетничка нетрпеливост, а не разумно прикажување на фактите, реагира денеска МО. До реакцијата дојде по обвинувањата на опозициските интегративци, кои во партиско соопштение наведоа дека во Воената академија годинава не е примен ниту еден кадет Албанец, што се случува првпат од основањето на институцијата во 1995 година. Од партијата обвинуваат дека Вреди не успеала да обезбеди соодветна застапеност на Албанците во институциите.

– Овој факт отвора сериозни прашања за улогата и за влијанието на Вреди во државните институции, каде што застапеноста на Албанците треба да биде не само декларативен принцип туку и реалност во институционалното функционирање. Сепак, одговорноста не може да се сведе само на Вреди туку и Владата треба да разбере дека не се гради доверба меѓу политичките партнери преку декларации. Ваквите случаи го нарушуваат духот на Охридскиот рамковен договор и го ослабуваат принципот на правична и соодветна застапеност, што може да се одрази и врз меѓуетничките односи – предупредија од ДУИ.

МО во својата реакција наведе дека на конкурсот за прием на 29 питомци на воената академија се пријавени вкупно 99 кандидати.

– Од вкупно пријавените кандидати, двајца се од албанска етничка припадност, еден е Ром, еден е Влав и 95 се Македонци. За 29 места на Воената академија, во процесот на селекција вкупно 46 лица ги поминале критериумите наведени во конкурсот. Од двете лица од албанска припадност едното се откажало, а второто, според ранг- листата, завршило на 43. место – се наведува во објаснувањето.

Од Министерството потенцираат дека за да биде примен некој, потребно е и да се пријави.

– За да постои и за да се вреднува правичната и соодветна застапеност, потребно е граѓани што се од соодветната етничка припадност да се пријават на јавните и транспарентни огласи за прием на питомци во Воената академија. Истовремено, нема да отстапиме ниту од принципот во Армијата да бидат примени најдобрите од најдобрите затоа што станува збор за кадар што е задолжен со она што ни е најважно сите нам: безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните. Министерството ќе продолжи високо да ја вреднува правичната и соодветна застапеност – стои во реакцијата. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ