Финскиот кошаркар Мика Муринен сè уште нема добиено официјална дозвола за настап во колеџ-кошарката во САД, но во Арканзас се оптимисти дека неговиот случај наскоро ќе биде решен позитивно.

Деветнаесетгодишниот талент, во моментов, го чека одговорот од НЦАА-лигата, откако неговиот статус беше ставен под лупа поради новите правила поврзани со професионалното учество и заработката на спортистите.

Муринен не отпатува со екипата на Арканзас на турнејата на Бахамите, но дозволено му е да тренира со тимот и да учествува во останатите активности на составот.

Главниот тренер Џон Калипари зборуваше за ситуацијата и призна дека конечната одлука не зависи од Арканзас. Тој откри дека НЦАА во моментов има голем број случаи кои треба да ги разгледа, поради што процесот може да потрае.

  • Се надевам дека сè ќе се среди. Тој има 19 години и сè уште ќе има 19 кога ќе заврши регуларната сезона. Но, ќе мора да го чекаме нивниот одговор, порача Калипари.

Муринен важи за еден од најголемите таленти на својата генерација и во Арканзас пристигна со статус на петѕвезден средношколски играч. Пред заминувањето во САД, тој минатата сезона беше дел од Партизан и запиша шест настапи во Евролигата. Финецот имаше потпишано тригодишен договор со белградскиот клуб, но во февруари донесе одлука да го напушти Партизан и да продолжи да се развива во американската колеџ-кошарка.

Арканзас го посети уште во септември 2024 година, а подоцна ја избра програмата на Калипари како следна дестинација во својата кариера.

Проблемот се појави поради новите правила на НЦАА, кои ја регулираат границата меѓу колеџ-спортот и професионалното играње. Според насоките воведени во мај, спортистите кои имале договор со професионален тим, настапувале за него или примале надомест кој ги надминувал реалните и неопходни трошоци, може да се соочат со губење на правото на настап во колеџ-натпреварувањата.

Токму неговото претходно искуство во Партизан е причината поради која НЦАА мора внимателно да го разгледа случајот. Сепак, од Арканзас веруваат дека Муринен ќе добие дозвола и дека ќе може да настапи штом започне сезоната.

Доколку добие зелено светло, Муринен ќе има можност повторно да се докаже на американската сцена и да покаже зошто уште како тинејџер беше сметан за еден од најголемите европски таленти.

 

ИЗДВОЕНИ