Кога го освои Кара Гушер сребрениот медал на Светското првенство во атлетика 2007 во Осака, светот виде спортистка што ветува врвна кариера и доминација во овој спорт. Но, зад успехот стоела тешка приказна, која ја откри години подоцна.
Во својата автобиографија „Најдолгата трка“, таа зборува за темната страна на професионалниот спорт: злоупотребата, допингот и манипулацијата. Таа тврди дека со години била изложена на емоционално и на физичко злоупотребување од својот поранешен тренер, Алберто Салазар. Наместо поддршка, добивала постојани критики за изгледот и за тежината, што создало токсична атмосфера исполнета со притисок.
Најшокантните делови од книгата се однесуваат на наводите за сексуална злоупотреба. Гушер опишува непријатни ситуации во текот на масажите, кои, според неа, ги надминувале професионалните граници. Нејзините сведоштва подоцна придонеле Салазар да добие доживотна суспензија од спортот.
- Последниот пат кога почувствував како го става прстот таму каде што не треба, се чувствував толку непријатно што веднаш си заминав. Мојата реакција беше само да се замрзнам. Ги потиснував работите и се убедував себеси дека не се случило тоа – рече Гушер, објаснувајќи дека спортистките често се учат да ги игнорираат болката и непријатноста за да преживеат во елитните спортови.
Покрај тоа, таа зборува и за култура на прикриен допинг, каде што често биле заобиколувани правилата за подобрување на перформансите. Во 2015 година, решила да проговори и да пријави неправилности во УСАДА, станувајќи еден од клучните информатори.
Одлуката да зборува јавно имала цена: загубени спонзорства, критики и огромен притисок. Особено бил болен моментот кога, во текот на бременоста, познатата спортска компанија „Најк“ ѝ ја прекинала исплатата, иако истовремено ја користела нејзината приказна за маркетинг.
Денес, Гушер е гласен борец за правата на спортистките и работи како коментатор на Ен-би-си. Нејзината приказна инспирираше многу жени да проговорат за неправдите во спортот.
- Пишувањето беше начин да го вратам гласот што ми беше одземен со години – објасни атлетичарката.
Нејзиниот сопруг, Адам Гушер, ѝ бил силна поддршка во целиот процес.
Преку оваа исповед, таа покажа дека најважната борба не се води на патеката, туку надвор од неа – за вистина, достоинство и подобра иднина на спортистите.











