петок, ноември 20, 2026
Дома СВЕТ Експлозија, сирени и неидентификувани објекти: Што се случи утрово во источна Полска/ВИДЕО

Експлозија, сирени и неидентификувани објекти: Што се случи утрово во источна Полска/ВИДЕО

0
Фото: screenshot X

Безбедносните камери во полското село Хмелек, лоцирано на околу 46 километри од границата со Украина, утрово снимија силна експлозија. Полската војска истражува сомневања дека два неидентификувани објекти го нарушиле воздушниот простор на земјата за време на голем руски напад врз Украина.

Снимки од инцидентот брзо се проширија на социјалните мрежи. На нив се гледа силен блесок, проследен со гласен тресок. Според полските медиуми, експлозијата се случила околу 6:35 часот по локално време во општината Лукова, во округот Билгорај, во рамките на Лублинското војводство.

Кратко по 7:00 часот, Оперативната команда на полските вооружени сили ја извести јавноста дека е можно неидентификувани објекти да навлегле во полскиот воздушен простор. Владиниот центар за безбедност бил известен за потенцијалната опасност, додека воениот персонал во моментов ги анализира податоците од радарските системи.

„Можно е да дошло до нарушување на нашиот воздушен простор по 6:30 часот. Истражуваме две потенцијални нарушувања. Добивме информации за селото Хмелек, во близина на Билгорај, и таму се проверува локацијата на можен удар“, изјави за „Полсат њуз“, потполковник Јацек Горишевски, портпарол на Оперативната команда.

Тој напомена дека полски и сојузнички авиони биле во воздух во текот на целата ноќ, додека системите за противвоздушна одбрана биле во состојба на висока готовност. Според „Некста“, војската соопштила дека снимките се совпаѓаат со податоците забележани од нивните системи за надзор.

Сирени ги разбудија жителите во Лублин и на други локации во регионот утрово. Пред 6:00 часот, Владиниот центар за безбедност издаде предупредување за закана од воздушни напади во Лублинското и Поткарпатското војводство; предупредувањето беше укинато околу 7:30 часот.

Веб-порталот „РМФ24“, објави дека итните служби пронашле остатоци од летало што се урнало во близина на селото Нови Липовјец, во истиот округ. Пожарникари беа испратени и во областа Рудник над Санем, каде што, според истиот извор, исто така паднал неидентификуван објект. Локалните власти ги повикаа жителите да останат во своите домови.

Жителите во близина на Олешице пријавија силен тресок, блесок на небото и тресење на нивните домови.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека добил информации од своите министри и дека во моментов нема закана од воздушен напад. Засега нема извештаи за загинати, повредени или материјална штета во Полска, а нема ниту официјална потврда за природата или потеклото на објектите.

Инцидентот се случи за време на руски напад врз Украина во текот на ноќта. Според RMF24, руските сили го гаѓале и Киев со балистички ракети. Оштетени се три моста, а најмалку три лица ги загубија животите.

ИЗДВОЕНИ