По шокантната елиминација од Парагвај во осминафиналето на Светското првенство, селекцијата на Германија се најде во центарот на жестоки критики, пред сè од тамошните медиуми. Натпреварот заврши 1:1 по 120 минути, а Парагвај славеше по подоброто изведување пенали, при што голманот Орландо Хил беше херој на својата селекција.

Германскиот весник „Билд“ објави дека при пенал-серијата настанал вистински хаос. Откако првите петмина изведувачи ги завршиле своите обиди, неколкумина искусни репрезентативци наводно одбиле да преземат одговорност и да го шутираат шестиот пенал. Според изворот, Леон Горецка, Валдемар Антон, Натаниел Браун и Малик Чау не сакале да шутираат, па одговорноста ја презел Џонатан Тах, кој никогаш претходно немал изведено пенал во кариерата. Неговиот удар беше одбранет, со што им беше ставен крај на германските надежи за висок пласман.

Елиминацијата предизвика лавина реакции во Германија, а најголем дел од критиките се насочени кон селекторот Јулијан Нагелсман, чија иднина на клупата е неизвесна. Во германските медиуми веќе се шпекулира дека прв фаворит за негов наследник е Јирген Клоп.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија и непотврдени тврдења за наводна петиција против дел од репрезентативците. Засега нема официјална потврда за тие информации, ниту, пак, Германската фудбалска асоцијација објави став за тоа прашање.

Според наводите споделени на социјалните мрежи, а кои му се припишуваат на „Дојче веле“, група навивачи наводно поднеле петиција со која бараат одредени играчи, вклучувајќи и фудбалери од африканско потекло и со муслиманска вероисповед, повеќе да не бидат поканувани во германската репрезентација. Овие тврдења предизвикаа остри осуди и отворија нова дебата за прашањето за дискриминација и расизам во фудбалот.

Важно е да се нагласи дека станува збор за информации што првенствено беа пласирани преку социјалните мрежи и дека реакциите на јавноста беа поделени: од силна осуда до повици за дополнителна проверка на веродостојноста на целиот случај.

Инаку, за четирикратниот светски шампион ова е уште едно големо разочарување. По елиминациите во групната фаза на претходните две светски првенства, Германија овој пат застана во осминафиналето, што дополнително го зголеми притисокот за темелна промена во националниот тим.

ИЗДВОЕНИ