Македонската фудбалска репрезентација го одржа првиот собир пред стартот на новиот циклус во Лигата на нации. „Црвено-жолтите“ ги очекуваат четири натпревари против Швајцарија, Словенија и Шкотска, а првиот предизвик е дуелот со Швајцарија на 26 септември во Скопје.

Во центарот на вниманието на првиот собир се најде 19-годишниот Матеј Гаштаров, кој доби прв повик во сениорската репрезентација. Младиот фудбалер зад себе има одличен период во Црвена звезда, каде што успеа да се избори за место во стартниот состав и значајна минутажа.

За Гаштаров, повикот во А-репрезентацијата е исполнување на детскиот сон, а иако признава дека не очекувал тоа да се случи толку брзо, пристигна со голема желба да се докаже.

  • Многу сум среќен, ова го чекав од дете, сонував за ова многу години. Се надевам дека ќе настапам и дека ќе оствариме позитивни резултати. Без разлика кој е противникот, одиме на победа. Имаме голема почит кон Швајцарија, Шкотска и Словенија, но имаме квалитет и ќе оставиме срце на терен, порача Гаштаров.

Тој откри дека напорната работа во Црвена звезда конечно му донела место во првиот тим. Гаштаров дополнително истакна дека нема проблем да игра на повеќе позиции и дека ќе ги исполни сите задачи што ќе му ги постави селекторот.

Прв повик во најдобрата репрезентација доби и Анес Мелиќи од Шкендија. За него, дебито во сениорскиот национален тим претставува голема чест, но и одговорност.

  • За мене е привилегија да бидам дел од овој тим. Имаме четири многу тешки натпревари, но прво треба да мислиме на Швајцарија. Сите знаеме каков противник е. Се надевам дека ќе оствариме позитивен резултат и доколку добијам минута, ќе дадам максимум, изјави Мелиќи.

Првата можност за младите репрезентативци да ги покажат своите квалитети ќе биде на 26 септември, кога Македонија ја пречекува Швајцарија во првиот натпревар од новиот циклус во Лигата на нации.

ИЗДВОЕНИ