На Меѓународниот ден без автомобили, институциите не ги мотивираа граѓаните да изберат велосипед, автобус или пешачење, а годинава немаше ниту „Отворени улици“. Утринава, главниот град беше со вообичаениот сообраќаен метеж и со издувни гасови од нив во воздухот. Редици автомобили и нервозни возачи како секој вообичаен ден. Што е уште поразочарувачки, и покрај тоа што промовираат мобилност и користење алтернативни средства за превоз како што се велосипедите, јавниот превоз, градските власти не презедоа ништо на овој ден, со цел да ги натераат граѓаните на тоа. Изостанаа велосипедските тури и затворањето на улиците во центарот на Скопје, што низ годините беше синоним за овој ден

 

Утринава, главниот град беше со вообичаениот сообраќаен метеж и со издувни гасови од нив во воздухот. Очигледно дека многумина него почитуваа Меѓународниот ден без автомобили.

Редици автомобили и нервозни возачи како секој вообичаен ден. Што е уште поразочарувачки, и покрај тоа што промовираат мобилност и користење алтернативни средства за превоз како што се велосипедите, јавниот превоз, градските власти не презедоа ништо на овој ден, со цел да ги натераат граѓаните на тоа. Изостанаа велосипедските тури и затворањето на улиците во центарот на Скопје, што низ годините беше синоним за овој ден.

Единствено што нè потсетија на овој ден беа најмладите од Детскиот културен центар „Карпош“, кои традиционално, по повод Европската недела на мобилноста, по 12. пат, ја организираа манифестацијата „Движи се за здравје“, кај фонтаната „Лотос“, чија цел е потсетување дека вежбањето е еден од главните фактори за правилен раст и развој на децата, како и за подобрување на моторичкиот развој уште од рана предучилишна возраст.

За активистот од „Биди зелен“ и од „На точак“, Дарко Арсовски, не е за изненадување фактот што беа полни коловозите со автомобили на овој ден.

– Наместо да се искористи овој ден за испробување различни превозни средства, да се комбинира превозот, граѓаните избраа да го одржуваат сообраќајното статус кво и повторно да се движат со своите автомобили во овој убав раноесенски ден – наведува Арсовски.

Тој смета дека не се виновни граѓаните, туку општините и институциите.

– На Денот без автомобили, кој е кулминацијата на Европската недела на мобилноста, оние што треба да ги мотивираат граѓаните да користат поинакви превозни средства се општините и институциите. Ние оваа година немавме вистински настан со отворени улици за пешаците, автобусите и велосипедите, а затворени за автомобилите, немавме бесплатен јавен превоз. Оваа година, ниту една скопска општина немаше никакви активности што ќе ги потсетеа и мотивираа граѓаните да пробаат да се движат без своите моторни возила – реагира Арсовски.

Метрополата треба да биде пример по кој ќе се раководат другите градови, а не обратно. За разлика од Скопје, по 12. пат се одбележува овој ден во Кочани, каде што се организира велосипедската тура, „По патеката на оризот“. Со тоа, Општината по 12. пат се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилноста, која се заокружува со денешниот Меѓународен ден без автомобили.

Имаше активности по повод Европската недела на мобилноста и во Битола, а во Делчево, вчера, со „Велобус“, младите го одбележаа Светскиот ден без автомобили.

Македонија значително заостанува зад европските земји кога станува збор за секојдневното користење на велосипедите и на електричнитетротинети како алтернатива на автомобилите. Последните податоци од „Евростат“, националните анкети и извештаи на велосипедските здруженија (главно, за 2022 и 2023 година) откриваат драматични разлики меѓу македонските и европските навики за одржлив транспорт. Според тие извори, Холандија, Германија и Данска се неприкосновени лидери во користењето на велосипедите како примарно превозно средство. Во Холандија, на 1.000 жители доаѓаат дури 1.310 велосипеди, што значи дека во просек секој жител поседува повеќе од еден велосипед. Во Данска и во Германија, бројот се движи помеѓу 900 и 990 велосипеди на 1.000 жители, што ја одржува велосипедската култура длабоко вкоренета во секојдневието на граѓаните.

Во 2018 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 3 јуни за Светски ден на велосипедот, со цел промовирање на неговото користење како здрав, еколошки и ефикасен начин на транспорт.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ