Вештачката интелигенција мора да остане под надзор и контрола на луѓето и да се развива и користи во согласност со меѓународното право, се наведува во декларацијата што ја усвоија 20 земји, повикувајќи на меѓународна соработка во управувањето со ризиците, вклучително и можноста за основање глобално тело за надзор.

Во декларацијата се истакнува дека вештачката интелигенција има „потенцијал да ги подобри животите, да ја унапреди науката и да ја зајакне економијата“, но се предупредува дека „брзиот развој на најнапредните модели на ВИ носи сериозни ризици по безбедноста и сигурноста доколку со нив не се управува на соодветен начин“.

Декларацијата, усвоена во понеделникот на маргините на Генералното собрание на ОН, ја поддржаа, меѓу другите, Норвешка, Финска, Германија, Холандија, Шпанија, Данска, Ирска, Канада, Австралија, Јужноафриканската Република, Сингапур и Турција, а меѓу потписниците е и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

САД и Кина, водечките земји во развојот на вештачката интелигенција, не ја потпишаа оваа декларација, како ни Велика Британија, Франција, Италија, Индија и Јапонија.

Претседателот на Финска, Александар Стуб, еден од иницијаторите за изработка на овој документ, изјави дека се надева оти поголем број актери ќе се приклучат.

„Мислам дека е во интерес и на Кина и на САД да имаме некаков вид сигурносен механизам. Нашата порака е дека ни е потребна човечка интервенција, односно луѓето да го имаат главниот збор“, изјави Стуб за бриселскиот портал Политико.

Со цел управување со ризиците поврзани со најнапредните технологии на ВИ, потписниците на декларацијата ги повикуваат компаниите да развијат „транспарентни безбедносни протоколи, вклучително и задолжително тестирање пред пуштање во работа и независна проценка“.

Владите и регионалните организации се повикуваат да развиваат и координираат заеднички стандарди, да ја зајакнат транспарентноста, „вклучително и заедничко известување за сериозни безбедносни инциденти“, како и да обезбедат сите земји да имаат пристап до научни и стручни капацитети и доверливи проценки.

„Државите членки на ОН треба да ги надградат постојните меѓународни механизми и да разгледаат основање меѓународна институција која би поставила стандарди, би овозможила верификација и би ги повикала државите на одговорност кога ќе се пречекорат праговите на критичните способности“, се наведува во декларацијата.

Стуб за Политико изјави дека потписниците се залагаат за основање нова институција, слична на Меѓународната агенција за атомска енергија, во рамките на ОН, но дека тоа прашање треба да се остави отворено „за луѓето да не ја отфрлат иницијативата само затоа што би била во рамките на ОН“.

Како три главни причини поради кои недостатокот на ефикасен надзор над ВИ претставува закана, Стуб ги наведе биолошкото оружје креирано со помош на ВИ, сајбер-нападите извршени од ВИ агенти и роботите-убијци кои користат вештачка интелигенција за смртоносни напади.

Стуб истакна дека придобивките од вештачката интелигенција можат да бидат многу поголеми доколку технологијата правилно се користи, вклучувајќи го „искоренувањето на болестите, продуктивноста, информациите и многу други работи“.

ИЗДВОЕНИ