четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гаши: „Правдата мора да донесе барем мал спокој за семејствата на жртвите...

Гаши: „Правдата мора да донесе барем мал спокој за семејствата на жртвите од Кочани“

160

Со минута молк и присуство на државниот врв и семејствата на загинатите, во Собранието се одржа комеморативна седница по повод една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе.

Во пленарната сала, на ложата беа претставници на семејствата на жртвите, а меѓу пратениците присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Седницата ја отвори претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој порача дека трагедијата оставила длабока рана во општеството и дека зборовите се немоќни пред болката на семејствата.

„Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи оставаат спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Таква беше ноќта на 16 март 2025 година – ноќ што започна со забава, а заврши со плач и болка што длабоко продре во срцето на целата држава“, рече Гаши. Тој нагласи дека таа ноќ Кочани и Македонија не ги изгубиле само своите синови и ќерки, туку и дел од својата иднина. „Со животите на 63 млади луѓе исчезнаа и соништата и плановите што штотуку почнаа да се градат“, истакна претседателот на Собранието. Гаши призна дека и по една година е тешко да се зборува за трагедијата.

„Јавниот збор е должност, но никогаш не бил толку тежок, особено кога знаете дека ниту една реченица не може да ја ублажи болката што ја носат семејствата“, рече тој, додавајќи дека солзите на родителите зборуваат повеќе од секој политички говор. Во обраќањето, спикерот се осврна и на фактот што комеморативната седница се одржува дури една година по трагедијата, објаснувајќи дека постоела дилема дополнително да не се отвора раната и настанот да не се претвори во политичка пресметка. „Може да се направат грешки во политиката, но важно е тие да не се претворат во грев“, порача тој.

Претседателот на Собранието посебно ја истакна солидарноста што ја покажаа граѓаните и меѓународната заедница во деновите по трагедијата.

„Во најтемните денови за земјата ја видовме и најсветлата страна на општеството – лекари и медицински сестри што работеа деноноќно, пожарникари што не се штедеа себеси за да спасат нечиј живот. Таа солидарност немаше ниту политички, ниту етнички, ниту верски бои“, рече Гаши.

Тој порача дека трагедијата мора да биде и потсетник за одговорноста на институциите. „Правдата не треба да биде ниту пребрза ниту задоцнета. Само вистината и правдата можат да донесат барем мал спокој за семејствата и за општеството“, нагласи Гаши, повикувајќи целосно да се утврди одговорноста за пропустите што довеле до загубата на толку животи. Во говорот се осврна и на младите животи што згаснаа, посочувајќи дека меѓу загинатите имало уметници, спортисти и млади луѓе со големи потенцијали. Посебно ја спомена песната на групата ДНК „Ако утре ме нема“. „Песната денес добива поинакво значење, затоа што за некои од оние што пееја – утрешниот ден навистина не дојде“, рече Гаши.

Обраќајќи им се директно на родителите, тој порача дека нивната болка ја споделува целото општество. „Вашата болка е болка на сите нас. Оваа трагедија е последниот аларм за сите политички и општествени чинители да се вратиме кон човечноста и повторно да ја изградиме државата врз чесност, праведност и искреност. Ова да биде последната ваква трагедија“, рече претседателот на Собранието, завршувајќи со зборовите: „Бог да ги помилува душите на оние што таа ноќ заминаа во вечност. Вечна им слава.“

Комеморативната седница беше првиот од настаните со кои ќе се одбележи годишнината од пожарот во дискотеката „Пулс“. Во сабота, на 14 март, во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржат верски обреди во спомен на загинатите.

ИЗДВОЕНИ